Рускиот претседател Владимир Путин и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев денеска повторно телефонски разговараа за падот на азербејџанскиот авион кај Актау, соопшти Кремљ.
„Путин и Алиев во денешниот телефонски разговор продолжија да разговараат за различни прашања поврзани со соборувањето на авионот на Азербејџан ерлајнс“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува РИА Новости, пренесува Танјуг.
Двајцата лидери претходниот ден разговараа за трагедијата со патничкиот авион и Путин му се извини на Алиев за тоа што авионската несреќа се случи на небото над Русија.
Тој уште еднаш изрази длабоко и искрено сочувство до семејствата на жртвите и на повредените им посака брзо закрепнување.
Алиев претходно денеска во интервју за азербејџанската телевизија изјави дека авионот бил случајно погоден и дека не може да стане збор за намерен терористички чин.
Тој додаде дека фактот што трупот на авионот бил преполн со дупки укажува дека теоријата за ударот на авионот во јатото птици е целосно отстранета од дневниот ред.
Авионот се урна во средата за време на планираниот лет од главниот град на Азербејџан Баку за Грозни во Руската Република Чеченија, откако се пренасочил и се обидел принудно да слета во близина на западниот казахстански град Актау.
Во авионската несреќа загинаа 38 лица, а 29 се повредени, од кои многумина се здобија со тешки изгореници.