Путин за изборите во Романија: На властите не им се допадна еден кандидат, па одлучија да ги пребројат гласовите

44
EPA-EFE/MIKHAIL KLIMENTYEV / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Рускиот претседател Владимир Путин, се пошегува на сметка на изборите во Романија, велејќи дека „не им се допаѓа еден кандидат, па решиле повторно да ги пребројат гласовите“.

– Во Романија се одржува вториот круг од изборите. На властите не им се допадна еден кандидат и решија повторно да ги пребројат гласовите – се пошегува Путин на средбата со учесниците на Меѓународниот конгрес на млади научници.

Тој додаде дека тоа често се случува во земјите од Европската унија.

Претходно беше соопштено дека Врховниот суд на Романија побара пребројување на гласовите од првиот круг на претседателските избори што се одржаа во земјата, на кои неочекувано победи кандидатот на крајната десница, 62-годишниот Калин Џордеску.

Романските медиуми го нарекоа проруски кандидат.

Покрај тоа, Врховниот совет за одбрана на земјата објави дека Романија стана цел на непријателски дејствија на државните и недржавните актери, особено Русија.

Потпретседателот на романското регулаторно тело за телекомуникации АНКОМ, Павел Попеску, побара во земјата да се суспендира платформата Тик-Ток додека, како што истакна, државните институции не истражат дали имало манипулации за време на минатонеделните претседателски избори.

Вториот круг од претседателските избори во Романија ќе се одржи на 8 декември.