Веќе два дена не се одвива товарниот железнички сообраќај до Гевгелија, а патничкиот сообраќај се одвива бавно со пренесување на патниците со автобуси кај Градско, односно Криволак. Причина за застојот е пукнатината на еден од столбовите на железничкиот мост на Црна река кај Стоби.

Покрај експертите од Градежен факултет кои прават увид на мостот, од Центарот за управување со кризи велат дека ангажирани се и нуркачи со цел и под вода да се утврди состојбата на столбовите на мостот.

Од Владата ги задолжија министерствата за финансии и за транспорт и врски да предложат можни решенија за изнаоѓање финансиски средства потребни за санацијата на армирано-бетонскиот мост, а ЈП „Македонски железници Инфраструктура“ да почне итна постапката за реализација на санацијата на носечките столбови.

Ако е напукнат само столбот на мостот, ќе потрае, но ќе се санира, но пукнатините се поголеми во претпријатијата кои управуваат со Железницата. Тие се заглавени со години со финансиите.

Нерентабилното работење само ги одлага ремонтите на пругите, а возовите се стари, често се расипуваат, машиновозачите штрајкуваат поради нередовна исплата на плати, а тоа резултира патниците и фирмите кои ги користат услугите на Железницата, да трпат.

До пред две години Владата даваше 6-7 милиони евра на Македонски железници Транспорт годишно како субвенција за да го одржува транспортот. Минатата година одвои 15 милиони евра, а оваа година, додаде, очекува целата помош која што ќе биде исплатена кон Железници Транспорт да достигне 25 милиони евра.

– Граѓаните кога плаќаат 25 милиони евра секако дека очекуваат подобри услуги, но денес немаат добри услуги и заради тоа ја правиме либерализацијата на сообраќајот за да влезат повече операотори кои ќе ги овозможат таквите услуги – вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Сега, засега колку што тоа го дозволуваат околностите, со воз може да се отпатува до Велес, Битола, Кочани, Табановце, Гевгелија, Кичево и Жабени.

Дипломираниот градежен инженер во пензија, Филип Ивановски, потенцира за весникот ВЕЧЕР дека амортизираноста на пругите во нашата држава изнесува повеќе од 90 проценти, како на горниот така и на долниот строј.

– На пругата Табановце – Гевгелија, која е со должина од 215 километри, на 117 километри горниот строј е постар од 40 години, од кои на 46 километри е стар 47 години, а на 31 километар дури 51 година. На 130 километри долгата пруга Велес – Битола, дури 57 километри се стари 60 години, 50 километри се со старост од 54 години и 21 километар – 33 години. Долгогодишното невложување предизвикува маргинализација на железничкиот сообраќај, зголемување на трошоците за одржување, но и сериозно е доведена во прашање безбедноста на сообраќајот. На одделни делници, возовите се движат со намалена брзина, а во летниот период, брзината на сите возови е ограничена на 50 километри на час – вели Ивановски.

На пругата Табановце – Гевгелија преовладува транзитниот товарен сообраќај, кој единствено носи приходи. Ивановски, кој во својот 35-годишен работен век има ремонтирано, реконструирано или изградено 150 километри железнички пруги, вели дека само на пруги до 160 км/час може да се одвива мешовит сообраќај (патнички и товарен).

– Пругата Табановце – Гевгелија може да се оспособи со малку пари за брзина од 120 км/час – потенцира тој.

(С.Бл.)