Кавадаречка фирма ќе набави и ќе постави панели за фотонапонска енергија за потребите на ЈЗУ Психијатриска болница „Негорци“ – Гевгелија. Денеска беше потпишан договор вреден 2.698.976 денари без ДДВ, а средствата се обезбедени од сопствени средства на ЈЗУ Психијатриска болница „Негорци“ – Гевгелија.
Се работи за набавка на 100 КW фотонапонска централа со панели од 405 В или вкупно 250 панели. Во рамките на набавката се предвидени и четири инвертори од по 25 КW.
– Веќе размислуваме во наредната 2025 година да набавиме и батерии за оваа централа, кои ќе вршат акумулација на вишокот електрична енергија, со цел да се обезбеди што поголема енергетска независност на институцијата. Се очекува фотонапонската централа да биде изградена и пуштена во работа до крајот на декември. Во однос на исплатливоста на овој проект, по направени анализи од инвеститорот, се очекува најмногу до две години да биде исплатена инвестицијата, односно инвестираните средства да бидат повратени, а во иднина да се почувствува и придобивката од самата инвестиција – истакна директорот на ЈЗУ Психијатриска болница „Негорци“ – Гевгелија, м-р Сашко Стојиловски.
Капацитетот на болницата е 220 болнички кревети, распоредени во шест болнички одделенија. Во ЈЗУ Психијатриска болница „Негорци” – Гевгелија се третираат пациенти речиси од сите места во Република Македонија, но, сепак, доминираат пациенти што територијално по своето место на живеење се поблиску до болницата.
(Љ.А.)