Македонските печатени медиуми со децении претставуваат сведоци на развојот на македонскиот стандарден јазик, тие биле еден вид учебници, книги за многу генерации, се и остануваат чувари на македонскиот јазик. Затоа, по повод 61. роденден на весникот ВЕЧЕР, разговараме со проф. д-р Јованка Лазаревска-Станчевска, која предава лексикологија на англискиот јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на тема подемот на англизмите во секојдневната комуникација
Секојдневно сме сведоци на зголемување на влијанието на англискиот врз нашиот јазик, особено кај младите, децата, при неофицијалната комуникација кај возрасните, но неретко и во медиумите, како телевизијата и радиото, кои имаат голем импакт врз заедницата. Во нашата конверзација, сите се фаќаме себеси како сè повеќе употребуваме англиски зборови и фрази за сметка на соодветните, автентични, изворни македонски. Иако постојано зборуваме дека треба да го заштитиме македонскиот јазик, во практика состојбата е повеќе од сериозна, бидејќи нашите деца и млади подобро ја познаваат англиската отколку македонската терминологија и многу често ја користат при своето изразување.
И токму по тој повод, а прославувајќи го 61. роденден на еден од најстарите и најрелевантни медиуми во Македонија, весникот ВЕЧЕР, чија мисија во шестдецениското постоење била и останува да го негува и да го чува македонскиот јазик, разговараме со проф. д-р Јованка Лазаревска-Станчевска, која предава лексикологија на англискиот јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Професорката вели за весникот ВЕЧЕР дека во моментов работи на собирање на корпусот на т.н. (не)видливи англизми, кои сè почесто се употребуваат во нашиот јазик, а во најголем дел се термини од информатиката и од легислативата на Европската Унија. Всушност, станува збор за проект што, иако сè уште e на почеток, има цел откривање на англиските изрази што директно се преведени и се употребуваат во македонскиот јазик или таканаречените калки – збор или израз добиен со буквален превод на туѓ збор или израз. Лазаревска-Станчевска се подготвува да аплицира за финансиски средства, кои понатаму би ги употребила за неопходната информатичка поддршка за овој проект. Би следувало забележување, впишување на англизмите во база на податоци, а целиот проект би завршил како електронски речник, каде што англиските фрази и изрази соодветно и правилно би биле преведени на македонски.
Македонски е „на крајот на краиштата“, а не „на крајот од денот“!
Како што истакнува Лазаревска-Станчевска, во македонскиот јазик не преовладуваат само и единствено директните и адаптираните заемки од англискиот јазик (како поткаст, спинува, лајкови, провајдери…) туку сѐ поголем е и бројот на фразеолошките заемки како што се калките, кои се преведени од англискиот јазик збор по збор, без формална сличност со изворните изрази. На пример: sustainable development – одржлив развој, (pre) accession funds – (пред)пристапни фондови, trading in influence – трговија со влијание итн.
– Но, постојат и фразеолошки изрази кои се влезени во македонскиот јазик, а за кои постојат соодветни македонски фрази како што се, на пример: Have a nice day – имајте убав ден, а во македонскиот јазик постои зборот „пријатно“, потоа At the end of the day – неправилно се преведува „на крајот од денот“, а во македонскиот јазик постои убав и соодветен израз – „на крајот на краиштата“. Исто така, тука е и We have a situation – имаме ситуација, а во македонскиот јазик постои изразот „имаме проблем“. Или Light at the end of the tunnel – светло на крајот од тунелот, а во нашиот јазик постои изреката после дождот, доаѓа сонце. Често го слушаме и On a daily basis – на дневна основа, а во македонскиот јазик постојат зборовите „секојдневно“, „дневно“. Или Basically – во основа, а во македонскиот јазик постои фразата „во суштина“. Го слушаме и Under the radar – под радарот, а во македонскиот јазик постои изразот „не е видлив, не е во видокруг“. Или Out of the box – надвор од кутија, а во македонскиот јазик постои изразот „вон рамка“ – додава професорката.
Англизмите – во најголем дел, термини од информатиката и од ЕУ-легислативата
Таа појаснува дека идејата за овој проект потекнала од нејзината подготовка за конференцијата „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“, одржана минатиот месец.
– Главен фокус на истражувањето е да се утврдат невидливите англизми во македонскиот јазик, како и критериумите врз основа на кои ќе се врши утврдувањето. Анализата покажа дека не постои еден критериум за утврдување на нивната видливост, туку секогаш мора да се вклучат повеќе критериуми што ќе овозможат прецизна идентификација. Но, на крајот, може да се заклучи дека бројот на невидливите англизми е во постојан пораст, бидејќи англискиот јазик е доминантен и влијае врз лексичкиот фонд на македонскиот јазик во сите сфери на живеењето – вели таа.
Лазаревска-Станчевска додава и дека нашата земја, како ЕУ-кандидат, е обврзана да ја хармонизира целосната легислатива и поради тоа, всушност, се јавува потребата за употреба на истата терминологија.
– Најлесен начин е превод на фразеолошките единици збор по збор и нивна адаптација во македонскиот јазик. Затоа нивниот број постојано расте. Оттука, англизмизацијата на македонскиот јазик не е само резултат на зголемениот број директни заемки туку, исто така, е резултат и на зголемениот број калки и семантички заемки што преовладуваат во јазикот и покрај тоа што се невидливи – вели Лазаревска-Станчевска.
Во суштина, сите јазици имаат проблем со англизмите, а не во основа!
Професорката посочува дека порастот на англизмите не се случува само во македонскиот јазик туку тоа е на глобално ниво и дека поради тоа постои база на податоци на англизмите што се влезени и во другите европски и светски јазици.
– Станува збор за база на англизми, со назив GLAD – Global Anglicisms Database Network, која е администрирана на Економскиот факултет во Берген, Норвешка. Целта на проектот ГЛАД е да се создаде глобална онлајн база на англизмите во светските јазици, а со тоа и мрежа на стручни лица што се занимаваат со овој глобален лингвистички феномен и што заеднички ќе можат да ја „надгледуваат“ англизмизацијата на светските јазици. Интересен е податокот дека во моментот, во ГЛАД-базата, најголемиот број на запишани англизми, повеќе од 16.000, се од јапонскиот јазик, со што уште еднаш се потврдува огромното влијание на англискиот јазик врз јазиците во светот – појаснува Лазаревска-Станчевска.
Има ли светло на крајот од тунелот? Односно на македонски: Ќе огрее ли сонце по дождот?
Прашана дали овие невидливи англизми – изрази веќе влијаат или ќе влијаат на деконструкцијата на македонскиот јазик, на синтаксата, на лексиката, односно дали идните генерации, полека, но сигурно ќе ги заборават или воопшто нема да ги познаваат зборовите на матичниот јазик, професорката вели дека не треба да се плашиме од нивниот подем во нашиот јазик.
– Не треба да се плашиме од подемот на невидливите англизми, бидејќи, во најголем број, тоа се фразеолошки изрази што се целосно адаптирани според граматичките правила на македонскиот јазик. Нивниот број е во подем поради културолошкото, технолошкото, економското и политичкото влијание на англискиот врз македонскиот јазик, како и поради потребите и интересите на македонското општество. Не треба да дозволиме да навлегуваат и да се втемелуваат англизми што не се во согласност со природата на македонскиот јазик – вели Лазаревска-Станчевска.
Професорката истакнува и дека заштитата на македонскиот јазик, особено неговата употреба кај новите генерации, е можна само ако сериозно се сфати од сите општествени чинители.
– Најважно е образованието на младите генерации, кое треба сериозно да се сфати од сите чинители. Треба да се обрне особено внимание на наставата по македонскиот јазик и на резултатите од учењето. Кај младите треба постојано, системски да се развива свеста за важноста на мајчиниот јазик – заклучува таа.
Наташа ИЛИЕВСКА-ТАНЕВСКИ
Фото: Ѕвонко Плавевски