Противпожарната единица на Град Скопје доби дигитална централа

171

Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје по 35 години доби нова дигитална телефонска централа, која ќе ја замени старата, аналогна, на која досега се примаа повиците за интервенции.

– Дигиталната централа е стигната. Треба да се монтира. Ќе имаме дигитална линија на 193 и сите повици ќе бидат снимени, односно ќе нема пријава на пожар што нема да биде регистрирана и снимена. Точно ќе знаеме кој се јавува и од каде се јавува, вели за МИА командантот на ТППЕ, Владимир Симоновски.

Тој посочува дека имале проблеми со старата централа и оти на нивно барање, Град Скопје ја има набавено новата централа. Набавката на дигиталната централа ја најави и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на својата фејсбук-страница во статус каде што говори за модернизацијата на Противпожарната единица на Град Скопје.