Протест на Средношколскиот сојуз за комбинирана настава

58

Средношколскиот сојуз попладнево протестираше за учебната година на 1 октомври да почне веднаш со комбиниран модел на настава, а не онлајн, во општините кои немаат многу заразени со коронавирусот.

Протестот почна пред Министерството за образование и наука и оттаму продолжи кон Владата пред која имаше обраќање на средношколци. Тие носеа транспаренти „Стоп за неквалитетно онлајн образование“, „Владата онлајн, учениците офлајн“, „Назад во клупа“, „Сакаме подобро образование“, „Ништо за нас без нас“…

Претседателот на Сојузот Бленди Ходаи пред протестот за МИА истакна дека оваа недела очекуваат средба со новата министерка за образование и наука Мила Царовска.

На протестот покрај средношколци од ограноците на Сојузот низ државата, им се придружија и наставници и родители, а на средношколците им изрази и Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Иницијаторите на протестот се против наставата да почне онлајн во сите средни училишта, како што е планирано, туку со комбиниран модел односно ротирање на средношколците во класовите на секои два дена (следење на наставата онлајн и физичко присуство) и пристапот да не биде централизиран, туку секоја општина  да организира модел според епидемиолошката состојба односно број на заразени.

Пред десетина дена претставници на Сојузот имаа средба во Владата, а беа и на  состанок со Комисијата за заразни болести на кој, како што рече Ходаи, им било сугерирано дека е побезбедно наставата да ја почнат онлајн, а потоа состојбата ќе се мониторира и во зависност од тоа моделот ќе се менува.