Во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци на 15 август (20 часот),  ќе биде промовиран романот на годината за 2023 г., „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска. Романот ќе го промовира Виолета Танчева-Златева, а ќе присуствуваат и претставници на Фондацијата „Славко Јаневски“, како организатор на доделувањето на една од најпрестижните награди за проза кај нас, наградата Роман на годината.

Критиката веќе се огласи за многузначноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме третото издание на романот, нецела година од неговото прво објавување. Наградата беше соопштена на 15 март годинава, а во мај ѝ беше свечено врачена на авторката Лидија Димковска, на пригоден настан во Драмскиот театар во Скопје.

Традиционално, по петти пат, на Кавадарци му се случува значаен културен настан со претставување на актуелниот роман на годината

„Ако нашето постоење во светот сè повеќе зависи од нашиот единствен матичен број, во нашиот свет на квалитетна книжевност, постоиш ако читаш“, велат од ТРИ во поканата за овој настан.