Денес, со почеток во 11 часот, во организација на Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија, ќе се одржи промоција на најновата книга на Киро Донев – романот за деца „Дневникот од штрковото гнездо“.
Промоцијата ќе се одржи во Основното училиште „Владо Кантарџиев“, а промотор ќе биде Ацо Ѓоргиев, кој е и автор на поговорот на книгата. Романот е илустриран со цртежи на Славица Купенкова.
Приказната во романот се случува меѓу сонот и јавето. Се одвива во едно планинско село во коешто кај своите баба и дедо доаѓаат две внучиња за да го минат летниот распуст. Еден ден, играјќи тенис, топчето малку посилно удрено одлетува во напуштено штрково гнездо. Дедото е принуден да им го симне „непослушното“ топче. И, токму од тука, почнува и нивната авантура. Покрај топчето наоѓа и една – училишна тетратка, која всушност е дневник на некое дете по име Добре Лошиот. За тој пишувач на дневникот со такво име и чудно презиме – дедото нема слушнато. За да го откријат авторот на дневникот, дедото и децата наизменично го читаат и откриваат дека тоа дете раскажува речиси неверојатни нешта. Но и загатката станува сè понерешлива…
Во поговорот Ацо Ѓоргиев пишува: „Како и вообичаено, и овојпат Киро Донев настаните во приказната тој ги сместува во кругот на семејството, каде е неминовна хиерархијата, посочувајќи му на детето – читател, дека сè во животот започнува и завршува со семејното огниште. Стилот и јазикот, облеката на зборовите, хумористичната интонација и гледајќи на сè околу себе со очите на детето – Донев и овојпат како и многу пати пред тоа, од дело до дело, од книга до книга, се надминува себеси, внесувајќи нешто ново, што досега не им го кажал на своите читатели, па овојпат со `Дневникот од штрковото гнездо`, тој воведува нова игра што се одвива меѓу сонот и јавето…“
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазиции тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.