Промоција на книгата „Колоквијалниот изговор во Скопје…“ од д-р Блага Панева

31

Стручната книга „Колоквијалниот изговор во Скопје и влијанието на артикулациjата на гласовите врз нарушувањето на правоговорната и правописната норма“ од д-р Блага Панева, која е во издание на „Супрема“, ќе биде промовирана на 20 ноември во 19:00 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Веселинка Лаброска, редовен професор и дописен член на МАНУ, и д-р Александар Маркоски, вонреден професор и активен јавен обвинител.

Во публикацијата се обработува еден од најгорливите проблеми поврзани со изговорот на македонскиот јазик – колоквијалниот изговор во Скопје и неговото влијание врз нормата. Во делото се опфатени: македонскиот јазик во основното образование, со посебен акцент на програмското подрачје јазик; анализа на гласовните промени во писмените текстови; консонантските групи во почетна, медијална и во финална позиција; финални согледувања од анализите и насоки за подобрување. Изданието е заокружено со прилози и со резиме на македонски и на англиски јазик, како и со список на богата користена литература.

Делото е произлезено од докторската дисертација што Панева ја има одбрането на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во 2022 година.

Ако основната цел во секоја наставна програма по македонски јазик и литература, во сите степени на образованието, е „учениците правилно усно и писмено да се изразуваат“, тогаш грешките што ги прават тие, особено во писменото изразување, упатуваат на потребата од наоѓање начини и форми за подобрување. Поаѓајќи од фактот дека употребата на информатичко-комуникациската технологија влијае врз изговорот и врз пишувањето кај младите, целта на оваа книга е да го претстави начинот на изразување и пишување кај средношколската младина, притоа особено обрнувајќи внимание на зачестеноста во правописните грешки, ситуација што е, во голема мера, недозволива за ученици од повисоките одделенија во основното образование, а уште помалку за ученици од средното образование.

ИЗДВОЕНИ