Промоција и разговор за „Уметност и револуција“ од Гералд Рауниг на фестивалот „Крик“

34

Во „Чифте амам“, на 3 јули, со почеток во 19:30 часот, а во рамки на 9. издание на фестивалот за критичка култура „Крик“, низ дијалог помеѓу авторот Гералд Рауниг и Ивана Драгшиќ, ќе биде промовирана книгата „Уметност и револуција“. Книгата, во превод од германски јазик на Катерина Шекутковска, е дел од едиција на Контрапункт „Пунктум“ посветена на новите критичко-теориски правци на мислата и дејствувањето, каде покрај култната „Уметност и револуција“, од еден од најзначајните и најпредизвикувачките теоретичари на уметноста и филозофи, Рауниг на македонски јазик ќе бидат објавени и „Дивидуа“ и Дисeмблажа“, во превод на Жарко Трајаноски, кои наскоро, ќе бидат достапни и online, во PDF формат.

-„Уметност и револуција“ е своевидна алтернативна историја на уметноста на „долгиот дваесетти век“, која го покрива периодот од Париската комуна, од 1871 година до турбулентните протести против глобализацијата во Џенова во 2001 година. Книгата се осврнува на револуционерните исчекори во уметноста и во општеството и оптимистички го исцртува излегувањето од приказните за трагичен неуспех и недвосмислена катастрофа. Со елоквентна примена на идеите и постулатите на Делез и Гатари за „машината“, Рауниг ја проширува постструктуралистичката теорија на револуцијата до експлозивната врска меѓу уметноста и активизмот. „Уметност и револуција“ ги охрабрува новите генерации уметници и мислители да одбијат да учествуваат во истрошените рецепти диктирани од пазарот и авторитетите и наместо тоа да создаваат радикални нови методи на социокултурно ангажирање. Рауниг развива неопходна, современа концепција за политичката промена што ги надминува застарените формулации на востание и отпор. Според Рауниг, се пролеа премногу крв и мастило за уметничките машини да смеат да си дозволат да останат одвоени од револуционерните машини, истакнуваат од фестивалот „Крик“.

Книгата е издадена со поддршка на Гете институт – Скопје.