Во пријатна атмосфера, вчеравечер во Галерија-МКЦ се одржа промоција на романот „Леска Брезоска“ од Симона Јованоска. „Леска Брезоска“ е втор роман на Јованоска по дебитантскиот „Денот на црвот“ со кој ја освои престижната награда „Роман на годината“ за 2021 година. Промоцијата на „Леска Брезоска“, што е во издание на „Или-или“, се одвиваше низ разговор со уредникот Ненад Стевовиќ.
Како што вели Јованоска за весникот ВЕЧЕР, романот „Леска Брезоска“ е инспириран од комплексноста на растењето и самооткривањето на носечкиот лик во приказната, ликот на Јанe.
-Приказната се одвива во Гостивар и Скопје, каде што општествените очекувања, стравовите и суптилните форми на родова дискриминација го обликуваат нејзиното формирање во возрасна личност. Нејзиниот ран живот со скромни услови во Гостивар ѝ дава „ветер во грб“ за да се соочи со предизвиците. Како што расте, Леска Брезоска се запознава со својата сексуалност, пријателства и семејната динамика, а сето тоа додека се бори со длабоко вкоренетите родови предрасуди и очекувања од општеството. Нејзината упорност, храброст и одлучност да се издигне над овие ограничувања ја формираат суштината на нејзиниот личен раст. Вкоренетата дискриминација го предизвикува нејзиното чувство за вредност, но преку издржливоста, таа полека го открива својот потенцијал, одлучувајќи да не се задуши во улогата на жртва, додава Јованоска.
Прашана за темите кои ги истражува романот, писателката посочува дека не станува збор само за надворешните бариери на околината со кои се соочува ликот, туку и за внатрешните стравови кои ја спречуваат да го пронајде своето вистинско јас.
-Патувањето на Леска Брезоска е повеќе од надминување на сиромаштијата, тоа е за градењето и потрагата по идентитет во свет кој често се обидува да го дефинира за неа. Нејзината приказна го одразува универзалниот предизвик на растењето, соочувањето со личните и општествените стравови и триумфот на самооткривањето преку упорност и здрав оптимизам, додава Јованоска.
Инаку, деновиве авторката беше примена во Друштвото на писателите во Македонија.
-Да се стане член на најстарото ДПМ е и чест и одговорност. Се чувствувам задоволно што сум дел од заедницата која со генерации го обликувала книжевниот пејзаж на земјата. Ова членство ја носи одговорноста за придонес кон богатата традиција на раскажување приказни што ја имаме во Македонија, зачувување на културното наследство и почитување на високите литературни стандарди. Исто така, ме инспирира да продолжам да се развивам како авторка, знаејќи дека сега го претставувам не само мојот глас, туку и колективното наследство на македонската литература. Одговорноста е да се создаде работа која резонира со сегашноста, притоа почитувајќи го минатото, вели Јованоска.
Родена е во 1985 година, во Гостивар. Во 2015 ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ („Или-Или“). Во 2019 ја добива втората награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“ а во 2022 е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“. Дебитантскиот роман „Денот на црвот“ („Или-Или“) е прогласен за „Роман на годината“ за 2021 од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на бугарски, српски и хрватски јазик. Во 2022 во издание на „Чудна шума“ ја објавува книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“. (Н.И.Т.) Фото: Ѕ.Плавевски