Промоцијата, која се случи во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ во Скопје, беше збогатена и со изложба на дваесет и пет слики од авторот, работени во изминатите шест децении, кои публиката има можност да ги види и во наредните денови
„Ликовниот уметник Павле Кузманоски чекорел по улиците на многу градови и во голем број од нив ги презентирал своите уметнички визии и достигнувања. Но, малку се оние кои оставиле траен белег врз неговата инспирација и на кои постојано се навраќал во своето ликовно творештво…“ Со овие зборови започнува колор монографијата од академскиот сликар Павле Кузманоски насловена „Урбани пејзажи“, која вчера беше промовирана во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ во Скопје, а која промоторот, академик Витомир Митевски ќе ја нарече „ликовна автобиографија“.
„Создавајќи ја својата ликовна автобиографија, Павле Кузманоски не води низ урбаните простори што нему му се блиски. Тука се ликовни дела со мотиви од неговата младост во родното Тетово, од ученичките денови во Средното уметничко училиште во Скопје, од престојот во Белград, каде што студирал на Академијата за применета уметност, па сè до студискиот престој во Франција, во Анже и во Париз и пак назад во татковината“, вели Митевски. Осврнувајќи се на творештвото на Кузманоски, тој посочи на сестраноста на уметникот во однос на користење на различни техники, цртеж (главно со туш), акварел, маслена техника… „Во сликите главно со маслена техника се забележува богат колорит, весели тонови и топли бои во кои доминира жолтата, окерот, на места и силната црвена боја на покривите во Тетово, што може да се разбере како израз на присен однос на уметникот спрема објектот. Не е за изненадување што овој однос доминира во збирката на слики во кои се прикажани старите, трошни куќарки на неговото родно Тетово, кое живее во срцата на нашите стари, родени тетовци…“, вели меѓу другото Митевски. Но, тој и самиот посочува дека цртежите на Кузманоски за него лично се „посебна приказна“, бидејќи, во нив, поточно во оние од раниот период со мотиви од Тетово, доминира детаљот, богатството на линии, а на места цртежите изгледаат како –минијатури.
„Во нив се открива уметникот кој настојува да не пропушти ништо, навидум ситно, а важно за него, на пример, гредоредот на чардаците или ситните камења на мостовите на Пена…, а слично нешто препознаваме и во мотивите од Скопје на неговата младост…“, додава академик Митевски. Тој го образложува и подоцнежниот период на уметникот, кој сложените архитектонски зданија на Париз ги претставува многу поедноставено, настојувајќи да ја открие душата на градот во изразот на елеганција…, објаснувајќи го како израз на зрелост и самодоверба.
Споредувајќи го Кузманоски со славниот шпански сликар Франциско Гоја, тој посочува: „Наместо да се троши и губи во разлеани цртежи без фокус, нашиот уметник настојува да се изрази што е можно поедноставно, поконцизно, во неколку цртички, слично како и кај акварелите, а секако тоа е – најтешкото“.
+
Во присуство на бројни пријатели и роднини, авторот Павле Кузманоски, пак, истакна дека главниот „виновник“ за оваа четврта по ред негова монографија е токму Раде Силјан и “Матица“.
„Сакајќи во почетокот на соработката во 2013 година со првата изложба и да завршиме, некако почнаа да се раѓаат нови идеи, по првата монографија, настана втора, трета… Верувам дека со оваа четврта е заокружен целиот мој творечки опус, но соработката со Раде Силјан ќе продолжи“, истакна Кузманоски.
Промоцијата беше збогатена и со изложба на дваесет и пет слики од авторот работени во изминатите шест децении, кои публиката ќе има можност да ги види во наредните денови. (Д.Т.)