Книгата „Писмата од Љубомир Милетич до Афанасиј Селишчев“ со поднаслов „Историја на една мистификација“, од авторите д-р Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски, беше промовирана денес пред многубројна публика во Музејот на македонската борба во Скопје.

Како што истакна коавторот, Светозаревиќ, станува збор за несекојдневна книга од областа на филологијата и историјата.

-Во книгата е презентирано нашето откритие (мое и на колегата Јаќоски) на документи, попрецизно писма испратени пред 95 години од претседателот на бугарската академија и директор на универзитетот во Софија, Љубомир Милетич, до еден од најголемите слависти на 20 век, рускиот професор Селишчев. Во тие писма се открива што се договараат бугарскиот академик и рускиот професор. Всушност, по 14-15 години трагање дојдовме до докази, до вистинските писма во кои експлицитно се гледа дека книгата на рускиот славист Селишчев, која претходно имала наслов „Есеи за македонската дијалектологија том 2“, да се преименува во „Полог и неговото бугарско население“. Оваа книга има многу научни недоследности и претставува политички конструкт. Не само што е сменет насловот, туку е направена и целосна промена на термините внатре во книгата и така македонските дијалекти стануваат бугарски дијалекти, а македонското население, станува бугарско население, со што суштински ја менува книгата и служи како нарачка. Од наша гледна точка е еден голем скандал во научните кругови, вели Светозаревиќ.

Како што додава Светозаревиќ, книгата „Полог и неговото бугарско население“ на Селишчев е објавена во 1929, пред 95 години во Софија.

-Но еве дојде момент кога ги откривме и целосно и интегрално ги објавуваме сите нивни писма со целосна анализа на сè што е во нив напишано и она што всушност е конструктот во таа книга. Оваа мистификација не само што е тажна приказна за она што се случува со фалсификувањето на многу книги и документи, туку за жал таа парадигма продолжува до ден-денес. Во нашата книга се направени и анализи како претставниците на бугарската наука ја злоупотребуваат всушност книгата „Полог и неговото бугарско население“ како еден доказ дека македонскиот јазик е всушност дијалект на бугарскиот. Тоа покажува дека, сè уште, за жал политиката е инволвирана во науката, особено во Бугарија, кога станува збор за Македонија и македонскиот јазик, додава Светозаревиќ.

Повод за истражувањето на Светозаревиќ и Јаќоски била книгата на Бугарската академија на науките (БАН) „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“, издадена во 2020 година, со која се негира македонскиот јазик како посебен. А БАН во своето негирање на македонскиот јазик, всушност, се повикува токму на книгата на Селишчев „Полог и неговото бугарско население“.

За „Писмата од Љубомир Милетич до Афанасиј Селишчев“ зборуваа проф. д-р Михајло Миноски, проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, а пред присутните се обрати и проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, директорка на Државниот архив, во чие издание е книгата.