Како што посочи академик Катица Ќулавкова, во своите колумни Љупчо Коцарев искажува согледби, прави анализи и дава препораки во кои се препознава голем дел од актуелната македонска свест. „Тој тоа го направи во континуитет со нескриена доза на критичност, револт, па и емоции. Тој ја отвори нашироко темата на најновата македонска агонија. Тој недвосмислено покажа дека е неопходен пресврт на подобро. Тоа подобро, во македонскиот случај, значи враќање во нормала, почитување на усвоените универзални кодекси на ОН, уважување на научните сознанија…“, истакна Ќулавкова на промоцијата на книгата „За македонските работи“ на Љупчо Коцарев

„За македонските работи“ од академик Љупчо Коцарев има голема важност бидејќи е внимателна анализа на состојбите во нашата земја, но претставува и еден вид интелектуална историја на оваа последна или актуелна фаза од развојот на македонската држава. Книгата беседи на врвниот научник со светска репутација и актуелен претседател на Македонската академија на науките и уметностите е збирка на објавени колумни во повеќе медиуми во последните две години. Со овие зборови, академиците Витомир Митевски и Катица Ќулавкова денес, во културниот центар „Матица екслузив“ во Скопје, ја промовираа книгата „За македонските работи“ на Љупчо Коцарев.

Како што истакна академик Катица Ќулавкова, колумните се корективи на политичките заблуди и опомена да се избегне најлошото, да се спречи колективната еутаназија. „Бидејќи државата никогаш нема да умре како таква, но општата идеја е далеку од очите и срцето, затоа владејачките и политички кругови чувствуваат зазор пред колумнистичкиот говор и особено од колумните на автори со име, со научен и општествен авторитет како што е Коцарев како автор. Двегодишната серија колумни на академик Коцарев ја разобличи ноторната вистина дека во сенката на интелектуалното полтронство се кријат ниски страсти каква што е страста за изневера на идеалите и за предавство на културно-историското наследство. Тој ги демистифицираше тие ниски, негативни и деструктивни страсти изложувајќи се на јавни притисоци, но и на масовна јавна медиумска поддршка. Веќе две години тој ја соочува македонската јавност со феноменот својствен за аморфните политички лидери со нивната лишеност од елементарно чувство за припадност и тоа токму онаа генеричка припадност на човекот на човештвото сфатена како парадигма на хуманост добротворност, добродетелство… Љупчо Коцарев го направи тоа со изненадувачки интензивна посветеност, како по вокација да е писател, социолог и политиколог, а не еминентен светски научник во областа на техничките и информатичките науки“, истакна Ќулавкова во обраќањето.

Како што посочи таа, во своите колумни Коцарев искажува согледби, прави анализи и дава препораки во кои се препознава голем дел од актуелната македонска свест. „Тој го направи тоа во континуитет со нескриена доза на критичност, револт, па и емоции. Тој ја отвори нашироко темата на најновата македонска агонија. Тој недвосмислено покажа дека е неопходен пресврт на подобро. Тоа подобро, во македонскиот случај, значи враќање во нормала, почитување на усвоените универзални кодекси на ОН, уважување на научните сознанија, вклучително и правото на толкувачки и вредносен плурализам, особено кога е во прашање архаичното, митското и културното историско наследство…“, додаде Ќулавкова.

Според промоторот Витомир Митевски, еден добар дел од колумните на Коцарев имаат намера да го соочат читателот со реалната состојба во која се наоѓа Македонија како држава. „Пишувајќи за македонската општествена реалност, Коцарев аргументирано укажува на повеќедецениската деградација на елементите на државност на сите нивоа. Тоа е процес кој притаено се јави уште од осамостојувањето кога бевме полни со надеж дека сме на пат на изградба на прва независна и просперитетна македонска држава. И тој процес на деградација трае во континуитет до денес, но и, за жал, со забрзано темпо. Кога ќе рече Коцарев дека Македонија денес не е само заробена, туку и презрена држава и народ, тој, несомнено, мисли за апсурдните ситуации во кои се најдовме по 75 години државност и 30 години независност“, посочи академик Митевски.

За него, вистински, но и метафоричен оган ги зафати сите области на нашето живеење. „Во своите колумни кои ги објави последниве две години, а сега ги имаме собрано во една книга, академик Коцарев упорно укажува на овој факт. Коцарев не им се обраќа на оние кои прикриено или јавно застапуваат туѓи интереси, оти бесмислено е на таквите да им се обраќаш. Тој им се обраќа на оние кои треба и се должни да го слушнат, а не сакаат да го слушнат гласот на совеста на учените и умни луѓе кои искрено си ја сакаат својата земја. Се обраќа и на оние кои се избрани од македонскиот народ да ги застапуваат и бранат неговите интереси и да работат за доброто на земјата. Коцарев им се обраќа и на оние самоповикани трговци со идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ кои се впуштаат во некакви преговори зад грбот на народот, подготвуваат и потпишуваат разно-разни договори, во суштина погубни за нашата иднина. Но тој им се обраќа и на македонските интелектуалци за кои уште Мисирков пред 120 години говореше дека треба да бидат совест и носители на напредокот на македонскиот народ“, рече во своето обраќање академик Митевски.

Како што додаде тој, Коцарев токму од македонските интелектуалци, обраќајќи им се, очекува да се разбудат, да го кренат својот глас, да се охрабрат, да направат отпор на ова што ни се случува. Бидејќи, според Коцарев, „токму македонските интелектуалци со интегритет треба да ја преземат на себе одговорноста и задачата на одбрана на достоинствен живот на сите граѓани на нашата земја, и да застанат на патот на разградувањето на нашата единствена татковина, која ако ја изгубиме, ќе изгубиме сè“.

На промоцијата, уводен збор имаше Раде Силјан, кој истакна дека во книжарниците на „Матица македонска“, книгата „За македонските работи“ од Љупчо Коцарев е најпродавана. „Тоа значи дека нашите читатели ги препознаваат националните вредности затоа што во оваа книга се застапени текстови кои имаа силни пораки за опстојот на македонскиот народ на нашиве простори, а авторот е совеста на нашата нација“, рече Силјан. Авторот Љупчо Коцарев, пак, на крајот од промоцијата истакна дека единствена цел му е сите да живееме во достоинствена Македонија, а тој во таа насока ќе продолжи да работи. (Н.И.Т.)