Книга на Оливера Ќирковиќ „Јас Пинк Пантер“: Ако ги спомнев сите дела што ги направив, ќе се вратев во затвор

347

“Ги опишав само делата на кои паднав. Не може да се опишуваат сите дела кои ги направив и тоа транспарентно бидејќи јас повторно би се вратила во затвор“, кажа на промоцијата на својата книга „Јас Пинк Пантер – исповест“ во книжарницата “Икона“ во Скопје, Оливера Ќирковиќ, некогашната лидерка на светски препознатливата криминална група позната по ограбување на јувелирници низ целиот свет. Нејзината книга, како што признава и самата, е животна приказна, но со елементи на најдобрите акциони филмови и трилери и длабоки психолошки драми.

Исповедта на една од најдобрите српски репрезентативки во кошарка која навлегла во светот на криминалот е всушност драматична приказна за храброста и стравот, моралот и неморалот, верувањето на младешкиот ум склон на утопија, како и за дното во кое лесно се паѓа и во кое длабоко се потонува.

Нејзината исповед е всушност контроверзен спој на исклучително успешна спортистка (беше водечка кошаркарка на Црвена ѕвезда, Панатинаикос и Панкрати) и криминалка која во затвор поминала речиси 8 години. Но и современа активистка која се залага за човекови и социјални права, самоука, талентирана сликарка која директорот на атинскиот затвор Елеонас Тива, во кој ‘робијаше’ и го наслика, денес ја повикува да се врати како надворешен соработник и со своите слики да ги украсува мрачните ѕидови и да ја разубави реалноста зад решетките.

Своите дела авторката ги брани со аргументите: Подобро е да се биде чесен ограбувач отколку нечесен лекар, политичар, спортски работник.

Промоцијата на нејзината книга завчеравечер во новоотворената книжарница „Икона“ во Скопје предизвика огромен интерес кај македонските читатели.