Промовирана „Дождови-90 песни”: Матевски остана стожер на модерната македонска поезија

111

“Големиот македонски поет Матеја Матевски во нашиот духовен простор внесе иновативни моменти за својата поезија и во период од шест децении создаде дела кои ја легитимираат македонската литература во рамките на развиените литератури. Станува збор за полифона личност, човек кој во македонскиот духовен простор внесе нови ветришта, нови светски трендови, што значи современата македонска литература преку Матевски практично и најдобро се афирмира во светски рамки“. Ова го истакна поетот Раде Силјан на промоцијата на книгата „Дождови-90 песни” од Матеја Матевски во издание на „Матица Македонска“ со која се одбележаа 90 години од неговото раѓање.

“Матевски објави 24 поетски книги, седум книги со критики и есеи, четири антологии на шпанската, галициската и католонската поезија, а преведе над 60 дела од повеќе странски јазици“, додаде Силјан.

Промотивна реч за писателот одржа Паскал Гилевски, кој рече: “Матевски остана стожер на модерната македонска поезија. Во последната книга ‘Дождови’ се гледа дека неговиот авангарден стил, содржина, значат многу за македонскиот литературен јазик“, додаде меѓу другото Гилевски.