Цената на тутунот не ги покрива ниту основните животни потреби на тутунарите , кој бараат откупната цена да биде минимум 200 денари за килограм. И покрај ветувањата дека со новиот Правилник за проценка и формирање на откупните цени, донесен пред месец и пол, тутунот ќе биде вреднуван според квалитетот на родот, сепак на терен ситуацијата е поинаква.
Тутунарите се разочарани од годинашната проценка на тутунот, со оглед на квалитетот кој го имаат во оваа реколта. Се надеваат дека како што тече откупот ќе се зголемува и откупната цена која во моментов изнесува 187 денари за килограм.
-Годинава нема многу тутун, производството е преполовено, но квалитетот е одличен. Откупната цена и оваа реколта не е задоволувачка. Моментално тутунот се откупува по просечна цена од 187 денари за килограм и не ги покрива ниту трошоците за производство бидејќи се е поскапено, ѓубривата, репроматеријалите за производство, животниот стандард…, вели за ВЕЧЕР, Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.
Според него, откупната цена треба да биде минимум 200 денари за килограм за да работиме рентабилно.
-Моментално инспекторите на Државниот пазарен инспекторат за земјоделство се на терен и нема манипулации околу проценката на класите, но проблем се ниските цени по класи, Најмногу тутун се цени во втора и трета класа, а има и збирна четврта класа, но има многу малку тутун од оваа класа, вели Стомнароски.
Соочени со откупна неизвесност, а поучени од ланските лоши искуства, кога цените беа катастрофално ниски, а околу еден тон од родот остана по амбарите, тутунопроизводителите од Пелагониско, годинава побараа помош од градоначалниците од овој регион, со делување преку заедничкото тело за Развој на Пелагонискиот регион. Доколку пак, и овој пат бидат игнорирани овие нивни барања и откупот продолжи со истиот тренд, тутунарите се закануваат со многу порадикални протести во споредба со ланските.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство да излезат на терен за да не се прави манипулација со класирањето на тутунот и законски измени во Законот за откуп на тутун со кој би се забранил увозот на тутун, додека не се откупи домашниот.
Инаку, годинашниот род се очекува да тежи околу 19 милиони килограми квалитетен тутун и според тутунарите на пазарот ќе се јави кусок од околу два милиони килограми што било причина повеќе откупните цени да бидат значително повисоки од ланските.
(А.С.)