Повеќе од 13.000 бегалци кои бегаат од Нагорно Карабах пристигнаа во Ерменија, соопшти денеска ерменската влада, речиси една недела по почетокот на азербејџанската офанзива и капитулацијата на владата во спорната енклава.
„Владата обезбедува сместување за сите оние кои немаат каде да живеат“, соопштија ерменските власти, прецизирајќи дека регистрацијата на бегалците продолжува.
На патиштата се создаде огромна гужва, а колона долга десетици километри.
Во исто време, локалните ерменски власти соопштија дека вчера најмалку 20 лица загинале во експлозија на складиште за гориво во Нагорно Карабах. Според нивниот извештај, 290 лица биле примени во болниците, а десетици од нив „останале во критична состојба“.
Егзодусот на илјадници Ерменци од Нагорно Карабах продолжува, речиси една недела по молскавичната инвазија на Азербејџан на оваа кавкаска енклава каде што претежно живеат Ерменци.
Илјадници жители на Нагорно Карабах се засолнале во Ерменија, и покрај ветувањето на Азербејџан, кое вчера го повтори претседателот Илхам Алиев, дека правата на Ерменците кои остануваат во оваа енклава освоена од нејзината армија ќе бидат „загарантирани“.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан и претседателот на Азербејџан ќе се сретнат на 5 октомври во Гранада, Шпанија, со учество на францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, средба која е планирана долго време и не е откажан.
Двете поранешни советски републики се судрија воено од 1988 до 1994 година (30.000 мртви) и во есента 2020 година (6.500 мртви). Бројот на загинати во минатонеделната инвазија е 200, објави ерменската страна.