Продавачите на крофни, пуканки, цедени сокови и на други производи, на каква и да е манифестација, должни се, пред започнувањето со дејноста, да поднесат барање за паушално плаќање на данокот на личен доход во Управата за јавни приходи (УЈП). Маре Данкова, виш даночен референт во регионалната подружница во Штип на УЈП, истакна дека на транспарентен начин УЈП ги информира даночните обврзници.

– Знаеме дека се случуваат многу настани, манифестации, концерти во летниот период, а и сведоци сме дека среќаваме продавачи на пуканки, крофни, сладоледи, кафиња и цедени сокови на тие настани. Ние сме должни, како УЈП, да ги информираме сите лица што се занимаваат со дејност од повремен карактер, дека имаат обврска да достават барање до УЈП, каде што се одвива дејноста, за паушално плаќање на данокот на личен доход – вели Данкова.

Таа посочува дека секој граѓанин, пред започнувањето со работа од времен карактер, е должен да го достави барањето во УЈП, каде што ќе биде обработено и ќе се утврди данок во Одделението за утврдување данок, по што се добива и решение од времен карактер. Данкова истакна дека се пополнува барањето на лесен и едноставен начин, со наведување на матичниот број, адресата на живеење и со штиклирање за работа од времен карактер.

– Доколку, во текот на годината, во различни периоди, лицето извршува повеќе вакви дејности, треба да достави одделни барања за секој период. По доставувањето на барањето и добивањето на решението, даночниот обврзник има обврска и да го плати утврдениот данок – вели Данкова.

При посета на ваквите продавачи, доколку немаат поднесено барање, инспекторите на УЈП изготвуваат службени белешки и ги доставуваат до Трудовата инспекција.