Економијата на Република Македонија оваа година ќе порасне за 2,3 проценти, а наредната 2024 година растот се очекува да биде 3 проценти. Со вакви прогнози излезе Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) по посетата на Скопје од 31 октомври до 13 ноември годинава. Оттаму нотираат дека македонската економија продолжува да се опоравува од енергетската криза 2022 година што направи земјотрес во Европа.
Тимот на ММФ и македонските власти постигнале договор во врска со првиот преглед кој се прави во рамките на Линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ, што е предмет на одобрување од страна на Извршниот одбор на ММФ.
– Откако ќе биде одобрен, Република Македонија ќе има пристап до околу 200 милиони евра според сегашниот курс. Властите имаат намера да повлечат околу три четвртини, а остатокот да го третираат како средство за претпазливост. Договорот ги поддржува намерите на властите и понатаму да продолжат да ги намалуваат буџетските дефицити, повторно да ги градат фискалните бафери, да се борат со инфлацијата и да ја зачувуваат финансиската стабилност. Освен макрофинансиската стабилност, подобрувањето на животниот стандард ќе бара поттикнување на инвестициите, подигнување на растот на продуктивноста и забрзување на зелената транзиција – информираат од ММФ.
Монетарците очекуваат домашната побарувачка да се зголеми во текот на следната година, поддржана од засилувањето на јавните инвестиции како што се проектите за патните коридори 8 и 10-д.