Само неколку денови подоцна откако беше одбранета шампионската титула во англиската Премиер лига, капитенот на Манчестер Сити, Винсент Компани, откри кој играч треба да биде иден предводник на „граѓаните“, но тоа ќе се случи само ако го промени своето однесување.

Белгискиот интернационалец го постигна можеби клучниот погодок при битката за шампионската титула. Компани ја затресе мрежата на секогаш незгодниот тим на Лестер во 37. коло и на тој начин го донесе Сити на само пола чекор од посакуваниот трофеј.

Иако фудбалската јавност очекуваше капитенската лента да ја добие некој поискусен играч, Компани откри дека истата треба да заврши во рацете на португалскиот интернационалец, Бернардо Силва.

  • Постојано му повторувам на Бернардо Силва: „Ти си 50% кловн, а 50% си лидер. Кога ќе бидеш само 25% кловн, а 75% лидер, тогаш ќе бидеш именуван за капитен на Манчестер Сити. Многу е силен и искрен како личност и никој повеќе не ја заслужува таа чест, но мора да се промени, изјави 33-годишниот Компани.

Репрезентативецот на Португалија има 24-години и во изминатата сезона постигна седум погодоци и запиша осум асистенции. Поради маестралните игри, Силва е дел од идеалниот тим во англиската Премиер лига.