При посетата на Мицкоски во Хрватска: Претседателот Милановиќ истакна дека ЕУ е неправедна кон Македонија

489

Европската Унија постапува неправедно кон Северна Македонија, која исполни многу услови, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на средбата со премиерот на Христијан Мицкоски. Милановиќ рече дека Македонија се уште може да смета на солидната поддршка од Хрватска во остварувањето на целта.

Мицкоски се сретна со Милановиќ во Загреб за време на неговата прва странска посета по преземањето на функцијата премиер. Од кабинетот на Милановиќ соопштија дека меѓу главните теми на разговор било членството на Македонија во Европската Унија, односно пречките кои се уште стојат на патот на земјата кон полноправно членство во европскиот блок.

„Европската унија е неправедна кон Северна Македонија. Македонците досега исполнија бројни услови кои се бараа од нив за да ги забрзаат преговорите и влезот во ЕУ, но и покрај тоа се уште се далеку од членство. Сето ова покажува дека ЕУ нема чесен и фер пристап кон Северна Македонија“, рече Милановиќ.

Тој посочи дека Хрватска ќе продолжи цврсто да го поддржува и да се залага за влез на РСМ во ЕУ. Мицкоски претходно денеска се сретна со премиерот Андреј Пленковиќ, а претставниците на двете земји потпишаа програма за соработка во областа на образованието и здравството, јавува Танјуг.