„Пријател или непријател“ – Бугарија купила систем за идентификација за своите воздухопловни сили

168

Бугарија купи системи за идентификација „пријател или непријател“ за потребите на бугарската армија, јави Бугарското национално радио.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, договорот опфаќа модернизација на радарите, како и потребна опрема и обука на операторите. Набавката е направена преку Агенцијата за комуникации и информации на НАТО, којашто преговарала за системите со германски производител на радари. Министерството за одбрана на Бугарија, кое ја потврдило информацијата на БНР, не открило колку платила земјата за системот „пријател или непријател“.

Според западното специјализиран медиум „Дефенс пост“, договорот е „за милиони евра“. Набавката на системот, потсетува Министерството за одбрана на Бугарија, е дел од активностите за модернизација на бугарската армија. Технологијата за распознавање „пријател или непријател“ (ИФФ) им овозможува на системите за управување со воздушното и морското пространство да ги идентификуваат бугарските и другите воени објекти на НАТО. Технологијата ја зголемува способноста на вооружените сили да избегнуваат пријателски оган, велат од Министерството за одбрана.

Информациите за купувањето на системот „пријател или непријател“ доаѓаат во заднината на очекуваните нови американски ловци Ф-16 Блок 70. Првите четири борбени авиони се очекува да бидат испорачани до средината на 2023 година, а останатите четири на почетокот на 2024 година.

Бугарија го подготвува и воениот аеродром Граф Игнатиево за да одговори на новите ловци. Цената за ова е нешто повеќе од 150 милиони евра. Бугарија во август минатата година започна со спроведување на постапката за набавка на уште 8 F-16 Block 70 од САД.