Премиерот Зоран Заев на денешната средба со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села изјави дека го прифатил предлогот на Села што се однесува на делот на преамбулата „граѓаните коишто живеат во границите“, посочувајќи дека конечната формулација ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ…“.
– Кога ја читате преамбулата во моментот стои „граѓаните на Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во границите, а се дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ и сл.“, така стои во сегашната преамбула. Она што досега е прифатено беше „коишто живеат во границите“. Зборчето „граѓаните“ пред „коишто живеат во границите“ пропуштивме да го тргнеме заради тоа што граѓаните се спомнуваат во почетокот на преамбулата и стои „граѓаните во Македонија, македонскиот народ и граѓаните како дел од албанскиот народ…“, сега е во моментот како што е формулирано, ова второто „граѓани“ се тргнува. Конечната варијанта ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ…“ како што е соодветно наведено тоа поприлично ги воедначува граѓаните пред својата татковина – Република Македонија, објасни Заев.
Изрази задоволство поради конструктивниот разговор со Села, истакнувајќи дека Алијансата за Албанците со својата определба за НАТО и за ЕУ секако и во делот на сензитивноста кон македонскиот дел од народот во РМ, продолжува во тој дух.
– Вториот амандман што всушност е прифатен и од Алијансата за Албанците и од делот на Беса е дискусијата за амандманот 36 или членот 49 каде што буквално во самиот предлог стоеше „за дијаспората на македонскиот народ“ за да биде еднакво водењето на грижата на државата спрема сите граѓани коишто живеат во дијаспората благодарение на нивната дискусија останува да биде како што веќе е прифатено основната нивна дискусија и барање да биде „дијаспората на македонскиот народ и другите заедици коишто живеат во Македонија“, нагласи премиерот.
Истакна дека третата работа што е прифатена од страна на Алијансата за Албанците е дополнувањето на Уставниот закон во однос на Косово, односно, каде што покрај четирите соседи се впишува и петтиот сосед којшто е признаен од Република Македонија – Косово.
Заев рече дека на средбата било потврдено оти Алијансата за Албанците ќе даде поддршка уставните амандмани и уставниот процес во Собранието, изразувајќи уверување дека истото ќе се случи и со Беса.
– Делот на државјанството е нотирано во самиот Уставен законик. Секако ние имаме разбирања за она што значи потребата од етничка определба на граѓаните. Во самиот Уставен законик којшто е предложен од кај нас стои дека „државјанството е македонско/граѓани на Северна Македонија што не имплицира етничка припадност, тоа е граѓанство, тоа е државјанство, тоа не е етничка припадност. Но, ако мислат дека постојат формулации и реченици со коишто што ќе им дадеме право, опција на граѓани да се определат дека се граѓани на Република Северна Македонија тоа се однесува пред се на помалкубројните етнички заедници тоа е вредно за разговори. Јас верувам со Беса и тука ќе се одвиваат самите разговори, потенцираше Заев.
Села нагласи дека неговата партија останува на истата позиција за членство на Македонија во ЕУ и НАТО.
– Ние како Алијанса за Албанците нема да тргнеме раце од нашето барање за албанскиот јазик, за да биде дефиниран како албански јазик, а не како јазик што е различен од некој друг јазик. За овој дел се уште немаме постигнато договор и компромис, истакна Села.
Изрази задоволство поради постигнатиот договор околу менувањето на преамбулата што се однесува на „граѓани коишто живеат во границите“.
На новинарското прашање дели ќе дадат поддршка на уставните амндмани, Села посочи дека тоа ќе се дознае на денот на гласањето во Собранието.