Новогодишните пластични или природни елки повторно ќе ги красат домовите на скопјани за новогодишните празници. На еден месец пред Нова година, во продавниците каде што се продаваат новогодишни украси и лампиони, се нудат и најразновидни елки со различна големина. Од оние традиционално зелените, па оние со снег, до бели. А, скопјани ќе се одлучат за природна или за вештачка елка, секој според својот џеб и можностите, бидејќи тие чинат од 1.800 до 24.000 денари. Секако дека компаниите ќе ги украсат своите големи холови со најголемите новогодишни елки. Изгледа дека тие годинава ќе бидат најбројни купувачи и на елки и на новогодишни украси, со оглед на намaлeната купoвна моќ на граѓаните
Новогодишните пластични или природни елки повторно ќе ги красат домовите на скопјани за новогодишните празници. На еден месец пред Нова година, во продавниците каде што се продаваат новогодишни украси и лампиони, се нудат и најразновидни елки со различна големина. Од оние традиционално зелените, па оние со снег, до бели. А, скопјани ќе се одлучат за природна или за вештачка елка, секој според својот џеб и можностите.
Секако дека компаниите ќе ги украсат своите големи холови со најголемите новогодишни елки. Изгледа дека тие годинава ќе бидат најбројни купувачи и на елки и на новогодишни украси, со оглед на намaлeната купoвна моќ на граѓаните.
Од „Атлантик комерц“ велат дека иако имаат богат асортиман на елки и на новогодишни украси и лампиони, побарувачката засега е мала, најверојатно, како што велат оттаму, поради тоа што нашиот народ е научен да прави сè во 5 до 12.
– Побарувачката е никаква. Куповната моќ на луѓето е многу намалена. Во ноември, продадовме две-три елки – се жалат од „Атлантик комерц“, но се надеваат дека ќе се смени состојбата до 15 декември.
Во зависност од големината, густината на гранките, дали е со снег, бела или зелена, цените на пластичните елки во оваа продавница се движат од 2.000 до 8.000 денари. Освен тоа, се нудат и новогодишни лампиони, меѓу кои има и стаклени. Нивната цена се движи од 20 до 150 денари парче, но има и такви што се продаваат по повеќе во една кутија. Нивната цена се движи од 100 до 500 денари.
Од „Меркур“, пак, велат дека половина од пластичните елки се веќе продадени. Цените таму се движат од 900 денари, па нагоре.
Така, елка висока 185 сантиметри чини 2.890 денари, а онаа од 225 сантиметри – дури 24.000 денари. Но, има и пластични елки со помала висина, и тоа од 120, 90 и од 60 сантиметри. Но, најбарани се оние со висина меѓу 185 и 210 сантиметри, бидејќи, како што велат од „Меркур“, тие се најпогодни за дома. Има и елки од 310 сантиметри, но тие ги красат големите фоајеа на компаниите.
Лампионите, пак, за китење на елките се движат од 60 до 70 денари, а има и од 300 денари, стаклени и ексклузивни.
Но, има граѓани што сè уште практикуваат да купуваат природна елка, која потоа може да ја посадат во својот двор.
Од „Флораком“, сестра фирма на ЈП „Паркови и зеленило“, велат дека има интерес за купување на нивните природни елки, но не толку голем како претходните години. Во „Флораком“ елките чинат 1.800 денари, без разлика на висината.
– Завладеа сиромаштијата. Да купиш елка за само една година, не е исплатливо. Затоа луѓето повеќе се одлучуваат за оние пластичните. Тие може да се чуваат повеќе години, иако и природната може да се посади во двор, доколку станува збор за куќа или за некој јавен простор пред зграда – информираа од „Флораком“.
(А.П.)