Принцот Ендру ги прекина сите контакти со бизнисмен обвинет дека е кинески шпион

47

Принцот Ендру изјави дека „прекинал секаков контакт“ со бизнисмен обвинет дека е кинески шпион, велејќи дека тоа го направил откако добил совет од британската влада.

Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека принцот се сретнал со бизнисменот преку „официјални канали“ и дека не разговарале за никакви „чувствителни“ теми, пишува „Гардијан“. Во соопштението се додава дека принцот „го послушал советот на британската влада“ и ги прекинал сите контакти со споменатиот бизнисмен, познат по името H6.

На судот му беше кажано дека бизнисменот развил блиски деловни односи со принцот Ендру и дека бил поканет на неговата роденденска забава во 2020 година, како и дека можел да дејствува во негово име кога има работа со потенцијални инвеститори во Кина.

Кинескиот бизнисмен поднесе жалба до Специјалната комисија за жалби за имиграција, суд формиран да ги разгледува жалбите против одлуките за одбивање влез или депортирање на земјата поради национална безбедност или слични причини.

Британското Министерство за внатрешни работи соопшти дека верува оти Х6 бил ангажиран во „тајни и измамнички активности“ во име на кинеската Комунистичка партија и дека неговиот однос со принцот Ендру може да се искористи за политичко мешање.

Британскиот крал Чарлс Трети престана финансиски да го поддржува својот брат – принцот Ендру, да му плаќа обезбедување во куќата и да му дава личен додаток, беше објавено минатиот месец, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ