Во тек е поднесувањето проекти за Годишната програма за проекти од национално значење на Министерството за култура.
Проектите со це лата документација мора да се поднесат на хартија, лично во архивата на Министерството за култура или по пошта.
Архивата на Министерството за култура работи од 9 до 12 часот, па за среќни можат да се сметаат оние кои ќе успеат да стасаат на ред по два дена чекање.
Втората опција, испраќањето на документацијата препорачано по пошта е потфат со висок ризик – со Македонски пошти никогаш не се знае: пратката можеби ќе стигне, а можеби и нема. А бидејќи Министерството за култура не објавува список на одбиени проекти, никогаш нема да дознаете дали вашиот проект бил одбиен од некоја од комисиите или вашата пратка воопшто и не стасала на наведената адреса.
Третиот проблем е пандемијата со ковид-19. Владата на РСМ, во чијшто склоп се и Министерството за култура и Министерството за информатичко општество и администрација – кое требаше да воведе информатичко општество но воведе само „администрација“ од најголемите во Европа – препорача, па дури и апелираше, сите оние кои не мораат да излегуваат или можат да ја завршат работата од дома или онлајн да не излегуваат.
Инаку сите странски програми за кои граѓаните на Македонија можат да аплицираат за финансиска поддршка, аплицирањето го прават онлајн. Нема физички потпис, печат, архивски број, броење листови хартија со лижнување прсти… Ништо. Само испраќате проект по мејл, по мејл добивате одговор. А да не заборавиме, голема е разликата во сумите што ги исплаќаат странските фондови споредено со она што го финансира Министерството за култура.
Така што, почекајте достоинствено да го исчекаме редот, со почитување на сите препораки за пандемијата, па ќе влеземе во Европа.
Ако Европа сака да нѐ почека.
(АПП)
фото: Н. Батев