Примероците од отпадот-гориво за УСЈЕ по европски стандард

65

Примероците од РДФ отпадот за цементарница УСЈЕ што на 29 јануари годинава  беа запрени на граничниот премин Богородица, а беа испратени на испитување во независна лабораторија во Естонија, покажале дека нема отстапување од ЕУ стандардите.

Пред десетина дена, Државниот инспекторат за животна средина во координација со Царинската управа, извршија вонреден инспекциски надзор на 15 камиони со РДФ отпад или така наречен еко-енергенс од Италија.

– Испитаните параметри се во согласност со дозволените граници наведени во Европскиот стандард за Цврсти обновени горива ЕН 15359:2011 – информираа од Царинската управа.

РДФ отпадот е класифициран во пет дозволени класи врз основа на три параметри – нето калорична вредност (топлинска енергија при согорување на енергенсот, која укажува на перформансите на отпадот), содржината на хлор (кој укажува на техничкото однесување) и содржина на жива (која укажува на влијание на околината) во енергенсот.

– Оттука според стандардот ЕН 15359:2011 првата испитана мостра од РДФ припаѓа на трета класа според нето калоричната вредност (во граници на нормала), четврта класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и четврта класа според содржина на жива (во граници на нормала). Втората испитана мостра од РДФ припаѓа на трета класа според нето калорична вредност (во граници на нормала), трета класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и четврта класа според содржина на жива (во граници на нормала) – се наведува во соопштението од Царинската управа.

Царината особено од невладините беше под удар затоа што не спроведуваше истражување на содржината, туку се потпираше на царинските декларации за увозот на италијански отпад.

Во државата РДФ отпад за горење увезува и користи само Усје, лани увезле над 4 илјади тона главно од Италија. Транспортот на РДФ се врши секој вторник, од Италија се носи со брод до Солун, а потоа со камиони се префрла до Усје. РДФ отпадот е алтернативно гориво кое содржи биоразградливи елементи.

Од Македонската асоцијација за цврст отпад (МаСВА) изразија загриженост за начинот на кој во јавноста се третира прашањето на отпадот, неговиот третман и преработките од отпад за понатамошна употреба.

– Светски воспоставената пракса на селектирање на отпадот, негово рециклирање и преработка за понатамошна употреба е широко применета и гарантира соодветен третман на отпадот и намалување на истиот. Воедно, реупотребата на соодветно третирани остатоци од отпад гарантирано ја намалува употребата на природни ресурси и обезбедува воспоставување на принципи на циркуларна економија и нула -тпад – велат од МаСВА.

(С.Бл.)