На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше одржан свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен. Според проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет, доколку почне да се применува новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, ќе биде многу олеснето и вработувањето на кадарот што завршил студии по македонски јазик…

-Со примената на Законот за употреба на македонскиот јазик се очекува да се зголеми и интересот за студирање македонски јазик. Во оваа академска 2024/2025 година, на Катедрата за македонски јазик се запишале 20-ина студенти. Бројот е сличен како минатата година, но ние сме задоволни со тој број. Битен ни е квалитетот. Тие деца што доаѓаат да се запишат да студираат македонски јазик доаѓаат со вистинска желба, а не по одбиеност од други факултети, како што беше во минатите години. Имајте предвид дека и бројот на матуранти секоја година е сè помал и помал и не може да очекуваме којзнае колкав број на студенти“, рече проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, каде што денес беше одржан свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен. На Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) е донесено Решението за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава.

„Првото заседание на АСНОМ за македонскиот народ е еден од ретките историски моменти што означуваат пресвртница во развојот на јазикот и на нацијата. Тоа е остварување на сонот на многу генерации Македонци дотогаш и една идеја водилка за која многумина ги изгубиле своите животи. Тоа е еден момент што вреди да се одбележи од сите институции, па така и од Катедрата за македонски јазик“, истакна Пановска-Димкова.

Според неа, доколку почне да се применува новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, кој го заменува стариот од 1998 година, ќе биде многу олеснето и вработувањето на кадарот што завршил студии по македонски јазик, со оглед дека законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали, вработување лектори во сите државни институции, издавачки куќи, медиуми…

„Во Законот е предвидено формирање Инспекторат, што не е случено. Во меѓувреме имавме избори, претпоставуваме дека им треба на луѓето време за да се снајдат на новите позиции, но очекуваме во најскоро време тоа да се случи“, додаде раководителката на Катедрата за македонски јазик.

Инаку, Законот за употребата на македонскиот јазик во Собранието е донесен пред десет месеци, на 26 јануари 2024.

Свечениот час со поздравно обраќање го отвори деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Владимир Мартиновски, кој рече дека решенијата донесени на Првото заседание на АСНОМ се „вертикали врз кои се гради македонската култура, наука и образование“.

На свечениот час излагања за придобивките од АСНОМ за македонскиот јазик имаа и професорите од Филолошкиот факултет, Димитар Пандев и Емилија Црвенковска.

„Тоа беше заложба уште во времето на Михаило Апостолски, како водач на војската, којшто, меѓу другото, се залагаше македонскиот јазик да се воведе како службен јазик и тоа да биде определба и на АСНОМ, со цел да се санкционира употребата на другите јазици на територијата на Македонија, оние јазици што претходно биле во службена употреба. Значи, тоа е основен став од кој тргнува АСНОМ и го доведува македонскиот како службен јазик во македонската држава“, рече проф. д-р Пандев.

Проф. д-р Црвенковска, пак, укажа на „непочитување на (јазичната) норма во одредени ситуации, неводење сметка за акцентирањето и за културата на говорот“.

„Во медиумите треба, исто така, да се води сметка за дикцијата, за истакнување битно од небитно кога се соопштуваат вести и за други недоследности за кои може да се работи и да се искристализираат“, додаде таа.

На настанот беше отворена и изложбата „АСНОМ – израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“ од д-р Јасмина Дамјановска.

Фото: Ѕ. Плавевски