Прилепскиот музеј од утре со раритетен Лапидариум

186

Прилепскиот завод и музеј официјално за посетителите утре ќе го отвори Лапидариумот што се наоѓа во кругот на Музејот.

Како што информираат од прилепскиот Завод и музеј, лапидариумот има за цел артефактите од прилепските наоѓалишта да бидат засекогаш во колективната меморија на луѓето, преку вечноста на каменот. Лапидариумот резултира со исклучително богата збирка на епиграфски споменици и камена пластика од прилепскиот регион.

Лапидариумот како отворен простор во кој се изложени камени споменици е важен сегмент на нашето културното богатство, а групирањето на експонатите е направено според естетското обликување на просторот. Сите изложени експонати потекнуваат од прилепските археолошки локалитети.

Збирката на епиграфски споменици и камена пластика на НУ Завод и Музеј – Прилеп содржи над 100 експонати: надгробни стели, епиграфски натписи, скулптури, ари, архитектонска камена пластика, сончев часовник (хорологион), релјефни бисти, вотивни релјефи, антропоморфни стели, капаци од урни и еден милјоказ. Од архитектонската камена пластика се изложени декоративни елементи од античкиот град Стибера, како и неколку архитектонски елементи од ранохристијанскиот период, со исклучителна уметничка вредност во изработката.