Придавката “македонско” вино да важи за целиот простор на географска Македонија, предлагаат извозниците на вино

172

Извозниците на вино од нашата земја десетина години работат под пресија во странство да не го признаваат терминот “македонско вино”. Сметаат дека сега, со Преспанскиот договор и со надминувањето на речиси тридеценискиот спор со Грција околу името на нашата држава, може да се најде решение, а тоа е на целиот простор на географска Македонија на етикетите на вината да стои придавката “македонско вино”.

– Десетина години работиме под таква пресија да не ни го признаваат терминот “македонско вино”. Би било добро да се најде едно фер решение во рамки на меѓународните закони, а тоа е за целиот простор на географска Македонија да се користи придавката „македонски“. Досега не сме биле контактирани за ова, но верувам дека нашата асоцијација го има во предвид тој проблем и ќе ја каже нашата позиција во рамките на меѓународните прописи. Да нема победници и губитници – смета сопственикот на винаријата “Стоби”, Минчо Јорданов.

Сепак и да не се најде такво решение какво што тој го предлага, не очекува дека тоа ќе се одрази на продажбата на виното и настапот на светските пазари, бидејќи смета дека вината што се произведуваат кај нас може да се сметаат дека се блиску до еколошките.

– Ако европските стандарди дозволуваат да има резидуални елементи од прскање против болести и слично, ние во Тиквешкиот регион и особено Стоби имаме најсончева и најсува клима, па прскаме околу четири пет пати помалку од западните земји. По резидуалните елементи, нашето вино е близу до еколошкото. Ние имаме половина од стандардот на Европа за резидуални елементи. Но и храната на овие простори, исто како и виното ги одушевува странците – рече Јорданов.

Тој нагласи дека нашата земја има можности за развој на винскиот туризам, но потребна е посилна инфраструктура со изградба на вински патеки, сместувачки капацитети, како хотели и слично.

– Винскиот туризам е синтеза на неколку економски позитивни ефекти. Имаме каде да ги прошетаме туристите, во нашата земја има што да се види, но потребни ни се сместувачки капацитети. Еве, овде во Стоби сме на два километра од автопатот, од европскиот коридор север-југ, а нема такви капацитети – додаде Јорданов

Тој откри дека планира изградба на хотел во Стоби, но и отворање на вински тури што ќе опфатат повеќе места во земјава, како што Скопје, тиквешкиот регион, Стоби, Охрид и Гевгелија, но и посета на места во северна Грција.

– Така туристите би можеле да уживаат во природните убавини, храната и виното, коцкарници и слично – нагласи Јорданов.

(С.Бл.)