Привремено затворени кујните во шест училишта во скопски Карпош

54

По вонредниот инспекциски надзор поради појава на салмонела, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ги затвори кујните на училиштата „Војдан Чернодрински“, „Јан Амос Коменски“, „Братство“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, како и централниот магацин од каде се дистрибуираат прехранбените продукти. Забраната за работа на училишните кујни, како што се додава во соопштението, ќе важи до отстранување на наложените санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.

– Според добиениот податок од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, досега се пријавени вкупно 12 ученици со симтоми: стомачни тегоби и покачена телесна температура со докажан причинител – бактерија салмонела. Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение, привремено се затворени кујните во сите шест посетени основни училишта, како централниот магацин од каде се дистрибуираат прехранбените продукти – се наведува во соопштението.

Забраната за работа на училишните кујни ќе важи до отстранување на наложените санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, што опфаќаат генерално механичко чистење на просторот и опремата, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена установа како и до добивање на негативни резултати од земените брисеви од работните површини и опремата.

– Постапувањето по добиените резултати од земените примероци храна, е во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство. Државниот санитарен и здравствен инспекторат е во постојана комуникација со ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, кој ја следи епидемиолошката состојба на терен – се појаснува во соопштението.

Претходниот ден, од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведен е вонреден инспекциски надзор во објект – централен магацин со кој стопанисува ДПТУ „Ванила фуд“ – ДООЕЛ Скопје, од каде што се снабдуваат со прехранбени продукти, кујните во училиштата на територија на општина Карпош, како и во кујните на училиштата „Димо Хаџи Димов“ и „Владо Тасевски“. Тоа, по добиена дојава од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје – одделение за епидемиолгија, за појава на заболување кај седум деца од различни училишта во општина Карпош со дијагноза „салмонеллосис“.

– Вонредниот инспекциски надзор е извршен во соработка со Агенција за храна и ветеринарство, ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје  и ЈЗУ Институт за јавно здравје. Согласно надлежностите на ДСЗИ, земени се брисеви од работни површини и опрема, како и брисеви од жива средина – брис од грло и нос и копрокултура на вработени лица во посетените објекти, а од страна на АХВ примероци од храна од централниот магацин и кујните – се истакнува во соопштението на ДСЗИ.