Привремениот затвор на Палевски во Турција истекува наредната недела

260

Привремениот затвор кој турските власти на 29 декември, му го одредија на Љупчо Палевски – Палчо, осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, истекува на 6-7 февруари.

Палевски во моментов е притворен во казнено-поправна установа во Баликесир, Турција, а таму може да биде задржан најмногу до една година.

Се очекува привремениот затвор или притвор да му биде продолжен по истекот на 40 дневната мерка, бидејќи македонските власти се уште немаат добиено одговор од Турција по барањето за екстрадиција, кое беше испратено на 7 декември.

Министерот за правда Кренар Лога ќе разговара за побрза екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо со неговиот турски колега, потврдуваат неофицијално за ТВ 24 извори од Министерството за правда.

Според истите извори, посетата на Турција на Лога е планирана во февруари, а тој освен со турскиот министер за правда ќе посети и турски правосудни институции. Планот е друштво да му прави и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева и шефот на Обвинителството за борба со организиран криминал Ислам Абази.

Според информациите на ТВ 24, сепак во фокусот на Лога ќе биде екстрадицијата на Палевски, кој е првоосомничен за убиствовото на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Официјално од министерството за правда велат дека засега немаат нова информација од турските власти.

Нема детали ниту од Јавното обвинителство. Оттаму кратко велат дека “предметот е во фаза на истрага“.

Барањето за екстрадиција доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.