Во последните шест сезони, екипата на Мерцедес и нивните возачи постојано ја освојуваат титулата во Формула 1, a нов поход по одбрана на трофејот овој пат најави Британецот Луис Хамилтон.

  • Ова е моја осма сезона со тимот и возбудата е иста секоја година. Тимот не може да биде помотивиран. Тоа е најимпресивно нешто. Би било лесно да се опуштиме, но сите сме многу концентрирани, возбудени и зајакнати за нови предизвици, изјави Хамилтон за Би-Би-Си.

Предсезонските тестирања се предвидени за 19. февруари на патеката во Каталуња, Шпанија.

  • Во овој период од годината, не го чувствувате притисокот, туку уживате во моментот. Сите напорно работеа да го подготват болидот, а само двајца можат да го возат. За мене голема е привилегијата што сум еден од нив, додаде шесткратниот светски шампион.

Тој ќе се обиде да освои седмата титула годинава и да се исрамни со рекордот на легендарниот Германец Михаел Шумахер.

Директорот на Мерцедес, Тото Волф, истакна дека неговиот тим не зема ништо здраво за готово пред почетокот на сезоната.

Белгиецот Стофел Вандорн, кој вози за Мерцедес во Формула Е, ќе биде резервен возач на германскиот тим наместо Естебан Окон, кој се пресели во редовите на Рено.

Новата сезона во Формула 1 започнува на 15 март со трката за Големата награда на Австралија во Мелбурн.