Приведени двајца крадци во Скопје, украдените предмети вратени на сопственикот

19

Полицијата вчера приведе двајца крадци кои украле поголем број предмети од куќа во периодот меѓу 5 и 6 јануари. Украдените предмети, кои се пронајдени, се вратени на сопственикот.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека се приведени И.И.(31) и С.А.(36), двајцата од Скопје.

– Постапувајќи по пријава во 12:02 часот за извршено кривично дело „кражба“ на поголем број предмети од куќа, извршена во временскиот период од 09.00 часот на 05.01.2023 до 22.45 часот на 06.01.2023, преземени се оперативни мерки и активности, при што за кратко време на подрачјето на Бит Пазар во Скопје е пронајдено возилото „форд мондео“ со скопски регистарски ознаки, со кое е извршено кривичното дело, а кое го управувал И.И.. Тој е приведен во полициска станица и при извршен службен разговор го појаснил начинот и времето на извршување на кривичното дело, се вели во соопштението на МВР.

Оттаму информираат дека е приведен и С.А. кој, исто така го признал времето и местото на извршеното кривично дело, а украдените предмети се пронајдени и вратени на сопственикот.

По комплетно документирање на случајот, против двајцата ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „кражба“.