Четврти ден продолжува штрајкот на докторите приватни специјализанти. Тие не отстапуваат од своите барања иако деновиве, додека трае генералниот штрајк, тие се изложени на многу притисоци што ги имаат од клиниките каде што се ангажирани  и од постарите колеги специјалисти.

Доктор Христина Илиоска-Чешлароска, специјализант по интерна медицина, вчера ги охрабри своите колеги приватни специјализанти, да не подлегнат на притисоците од клиниките и да издржат во оваа нивна борба. Тие не се задоволни од разговорите во Министерството за здравство и од одговорот дека по изборите ќе се одлучува за нивниот статус.

– Со оглед на тоа дека Министерството за здравство и министерот немаат слух за нашите барања, односно се изјаснија само за последното трето барање за решавање на нашиот статус, свесни сме и знаеме дека е тоа долг процес и нашиот статус нема така лесно и брзо да се реши, додаде Илиоска-Чешлароска.

Таа појасни дека очекуваат веднаш да се остварат на дневен ред  првите две нивни барања, покачување на месечниот надоместок и воведување на здравствено осигурување.

– Бидејќи министерот очигледно нема слух и не гледа дека ние штрајкуваме, в понеделник, 22 април во пет до 12, пред Министерството за здравство, повторно ќе се собереме на протест, под мотото, „Пет до 12 за македонското здравство“. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, подвлече Илиоска-Чешлароска.