Приватни специјализанти незадоволни од осносот на Министерството за здравство кон нив и ниските плати денеска утро стапија во генерален штрајк. Се работи за над 400 лекари кои што се на специјализација и кои што кажаа дека додека трае штрајкот нема да ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава. Во текот на денешниот ден пациентите го почуствуваа отсуството на лекарите кои што сега се на специјализација,а на многу клиники се создаде хаос
Приватни специјализанти незадоволни од осносот на Министерството за здравство кон нив и ниските плати денеска стапија во генерален штрајк. Се работи за над 400 лекари кои што се на специјализација и кои што кажаа дека додека трае штрајкот нема да ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава. Во текот на денешниот ден пациентите го почуствуваа отсуството на лекарите кои што сега се на специјализација,а на многу клиники се создаде хаос бидејќи пациентите чекаа за преглед со саати.
До генерален штрајк дојде, бидејќи за нивниот проблем немаа слух здравствените власти. Преговорите не вродија со плод, па се одлучија да го прекинат свотето специјализирање. Незадоволните лекари бараат зголемување на надоместот што им се исплаќа во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело.
Штрајкот ќе го прекинеме, само доколку добиеме писмена гаранција за исполнување на нашите барањата. Се решивме на овој чекор, бидејќи Министерството за здравство нема слух за решавање на нашите проблеми, кажа доктор Христина Илиоска- Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година и дополни дека по протестот во март, имале средба со министерот за здравство на која им било ветено дека нивните барања ќе се најдат на седница на Влада, но дека засега немаат никаков одговор.
Таа исто така информираше дека од претставник во Министерството за здравство во текот на вчерашниот ден им било кажано дека ќе се одржи средба во Владата.Според Илиоска- Чешлароска пет нивни претставници ќе присуствуваат на средбата, но, изрази резерва се додека не бидат прифатени нивните барања.
-Штрајкот продолжува, се додека не добиеме писмена официјална гаранција дека барањата ќе бидат исполнети, нагласи Илиоска- Чешлароска.
Специјализантите истотака реагираа дека максимално се посветени на работата и грижата за пациентите,а се поставени на деградирачка позиција.Тие реагираа дека надоместокот им се укинува при остварување на мајчинството и породилното отсуство.Специјализантите се со став да останат во земјава, да работат и да се грижат за домашните пациенти, но ваквиот однос кон нив ги тера да размислуваат да заминат странство.
Од Министерството за здравство велат дека секогаш се залагаат за подобрување на условите за работа на сите здравствени работници, вклучително и на приватните специјализанти, кои се важни во здравствениот систем. Нивниот став е дека е позитивен и притоа сметаат дека треба да им се излезе во пресрет на приватните специјализанти.
Но,министерот за здравство Илир Демири бара трпение од приватните специјализанти кои стапија во штрајк и најавува дека по изборите ќе се избори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.
Демири направи компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, пред 2017 година и каква е сега.
-Има една голема разлика. Оти, до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни.Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции-вели Демири.
Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) изрази поддршка за приватните специјализанти и побара поддршка од поискусните колеги, ментори, професори, раководители на Клиниките да помогнат во одвивањето на работиот процес додека колегите на специјализација не се изборат за своите права. Тие ги охрабруваат приватни специјализанти кои ќе подлежат на притисоци или уцени од било која форма да се појават на работното место, истото веднаш да го пријават во ЗЛС јавно или анонимно.
-Даваме ветување дека имињата на сите пријавени вршители на мобинг ќе бидат јавно објавени како алатка за заштита на ранливата позиција на приватните специјализанти. Однапред го осудуваме ваквото однесување, порачаа од ЗЛС.
(В.Ма.)