Приватните превозници во Скопје од денеска повторно не сообраќат низ скопските улици. Нивните возила се паркирани во гаражите, а ваквата одлуката е донесена на координацијата на превозниците кои вчера доцна попладне ги исклучија своите возила од сообраќај во знак на револт, откако нивното барање за зголемување на таксата по километар не беше разгледано на вчерашната седница на Советот на Град Скопје.
Јовица Зафировски претставник од приватните превозници за весникот ВЕЧЕР изјави дека денеска ќе почекаат да бидат побарани од надлежните: Град Скопје или Советот на Град Скопје.
-Неколку пати упатувавме јавно барање за проширен состанок со надлежните институции за да се најде решение за проблемот, но до сега никој не се јави – истакна Зафировски.
Тој објасни дека за да се покрие зимскиот возен ред вкупно се потребни 355 автобуси и на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и на приватните превозници и 100 автобуси да има во резерва.
-При тоа, ЈСП треба да има 266 за да го покрие зимскиот возен ред, додека приватните превозници 89. Тоа значи дека имаме во резерва 111 автобуси. ЈСП во моментов има 133 автобуси со кои сообраќа дневно. Ние можеме да помогнеме и во овој дел, доколку се најде решение за цената, доколку ни се исплати заостанатиот долг и да ни се верификуваат извештаите- нагласи Зафировски
Претседателот на Советот, Трајко Славески објасни дека иницијативата на превозниците била доставена премногу доцна за да биде вклучена на седницата, но дека ќе биде разгледана од градоначалничката Данела Арсовска.
Арсовска, пак, го повика Славески да собере храброст и да донесе одлука да го стави прашањето на приватните превозници на дневен ред и заедно со останатите советници да ја разгледаат и да донесат одлука дали ќе ја поддржат и ќе прифатат зголемена цена за превоз.
Претходно Град Скопје, пак, реагираше и обвини дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ одбиле да ја стават точката на дневен ред, сметајќи дека барањето за зголемување на цената е дел од стратегијата за продлабочување на кризата во јавниот превоз.
(А.П.)