Од 15 до 21 ноември, 49. издание на фестивалот Млад отворен театар во МКЦ пред МОТ-овската публика ќе донесе театарски претстави, перформанси и работилници од неколку европски земји, во чиј фокус се актуелните теми кои го запалија светот како војните, социјалните неправди и системите на економска моќ кои газат сè пред себе…
Со претстави на актуелни теми за времето кое го живееме како војните и социјалните неправди, од 15 до 21 ноември, во Младинскиот културен центар ќе се одржи 49. издание на фестивалот Млад отворен театар – МОТ.
„Во време кога светот се соочува со две војни, програмата на овој МОТ го изнесува својот активистички став со кој во фокус ги става темите кои го запалија светот, а во нашето општествено политичко секојдневие не добиваат соодветно значење“, вели Русе Арсов од МКЦ, којшто е организатор на фестивалот.
МОТ на 15 ноември, во 20 часот, во МКЦ се отвора со минатогодишните победници, независната продукција од Македонија, театарот „Златен Елец“ и претставата „Хинкеман“ по текст на Ернест Толер, во режија Тамара Стојаноска.
Претставата е работена според антивоената и експресионистичка драма (Der deutsche Hinkemann, 1923) на Толер, чија најголема инспирација бил актуелниот историски контекст и времето во кое создава. Текстот се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата сликата на тогашното општество. „Хинкеман“ ги истражува бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. Таа ерупција на омразата меѓу луѓето и нациите е препознатлив знак на духот на времето во кое живееме и денес. Во претставата улогите ги толкуваат: Бобан Алексоски, Талија Настова, Дритон Вејсели, Ане Блажовски, Леонида Гулевска, Бранко Михајлоски.
„Иако се осамени како независен театар на репертоарот, сепак, по регионалните награди, тие ја заслужија сцената, и завесата на МОТ ќе се крене со нивната нова премиера. Антивоената тема која се провлекува во нивната претстава го најавува и мотивот на годинешниот МОТ“, истакнуваат организаторите.
Втората фестивалска вечер, 16 ноември, во 19 часот, почнува со рефлексивниот мјузикл од Франција „Скринејџери, втор дел“, кој се обидува да одговори на прашањето каква трага остава дигиталниот хаос на нашата психа и фантазија, за да сме способни да го впиеме сето тоа „скролајќи“ надолу. Од 20:30 часот, пак, следува Новосадскиот театар од Србија чиј ансамбл ќе ја изведе „Ана Каренина“ според романот на Лав Толстој во режија на нашиот Дејан Пројковски. Ова е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште, која беше прогласувана за апсолутен победник на неколку регионални фестивали.
Пред МОТ-овската публика на 18 ноември, од 20 часот, ќе се претстави Театарот Промена од Србија со монодрамата „Мајорот и Хелена“, која е авторски проект на Алекса Јовиќ и ја обработува приказната на транс-родовата жена и нејзината храброст во конзервативното општество. Претставата е работена по вистинитата приказна на Хелена Вуковиќ – некогашен мајор во војската на Србија.
Ден подоцна, на 19 ноември, од 21 часот ќе се изведе словенечката претстава „Куќа, дом“ на авторката Катја Легин. Присуството на Креативниот центар Крушче на Томи Јанежич, со делото „Куќа, дом“ на Катја Легин на публиката ќе ѝ даде можност за доживување на театарот во автентичен простор за темата, овој пат дом на непозната локација во Скопје, за која публиката која има билет ќе добие адреса дополнително.
На 20 ноември, од 20 часот, на МОТ ќе се изведе претставата „Без крв“, која е продукција на двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмскиот театар – Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес во режија на Дијана Добрева. Литературното ремек-дело на Алесандро Барико, започнува со одмазда, а завршува со казна.
Последниот фестивалски ден, на 21 ноември, од 19 часот, ќе се изведе интерактивната претстава „Сé што е важно“ на театарот Арисандмарта од Грција, која низ сценски движења на кои публиката ќе биде сведок ќе ги донесе белешките за изведувањето пријателство на сцена. Двајцата интерпретатори, Арис Пападопулос и Марта Пасакопулу се пријатели, соработници и уметнички партнери.
МОТ завршува на 21 ноември во 21 часот со перформансот „Танцот на смртта“, музичко – театарски копродукциски проект на Франција и Украина. Украинска музичка и изведувачка група „Ќерките на Дак“ од Киев се стекнаа со меѓународна популарност, а овој перформанс е создаден кратко по почетокот на руската воена агресија врз нивната земја. Воената тема шесте актерки од Украина пластично ќе ја доловат раскажувајќи ги своите приказни распнати меѓу војната и нивните секојдневни животи и семејства и за тоа како ова состојба го има променето нивниот однос кон животот.
Во придружната програма, пак, ќе има проекција во рамки на Арт Синема на шоуто „Лебедово езеро“ на Метју Борн (17 ноември, од 20 часот), работилница насловена „Движење однатре-нанадвор“ на Криста Денио и Искра Шукарова каде ќе се истражат интердисциплинарните пристапи кон креирањето на перформанс (на 20 ноември, во 18 часот) и разговорен мастерклас на театарскиот режисер и драмски писател Јари Јутинен од Финска со кого ќе се испитува/истражува меѓународната соработка и зошто глобалните партнерства се важни во театарскиот свет, или пак, дали се? (22 ноември, 12 часот).
„Додека светот гори во глобален контекст, на локално ниво ние водиме војна за МОТ. Се бориме и со минимум буџет покажуваме дека МОТ не е осамен, бидејќи солидарноста на глобалната МОТ-овска мрежа го овозможува и ова 49. издание на фестивалот. Инстинктот за преживување е силен, еднаков како љубовта која го шири овој МЛАД „средовечен“ фестивал“, додава Арсов од името на тимот на МКЦ.
Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, Градот Скопје како и Францускиот културен центар во Скопје. (Н.И.Т.)