Со претставата „Цар Едип“ на Народниот театар од Сараево, Босна и Херцеговина, во режија на Диего де Бреа, вчеравечер, на сцената „Петре Перичко“ во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ свечено започна 21. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Претставата е во официјалната фестивалска конкуренција, а за изведбата актерите на Народниот театар од Сараево добија долги и силни аплаузи од бројната публика.

На програмата на годинашното издание на фестивалот на античка драма, вечерва љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да ја проследат претставата „Пенелопиада“ на Театар „Младип“ од Унгарија, во режија на Золтан Балаж.

На 2 октомври, пак, на фестивалот настапува Театар „Идиоти“ од Јужна Кореја со претставата „Мир“ во режија на Ли Сангмунг, а наредната вечер (3 октомври), со претставата „Нерон“ во режија на Ѓорги Ризески ќе се претстават актерите на „Приватна продукција“ во копродукција со МКЦ од Скопје.

Античката драма „Монолози и сцени“ во режија на Роберт Вељановски и Теа Беговска на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“ е единствената претстава што е селектирана во OFF-програмата на годинашното издание на фестивалот „Стоби“, а ќе биде изведена в петок, на 4 октомври.

Наредната вечер, на 5 октомври, ќе биде прикажана претставата „Едип и пророците“ во режија на Диана Добрева на Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија. Почетокот на претставите е во 20:00 часот.

Инаку, 21. издание на ИФАД „Стоби“ 2024 свечено ќе биде затворено на 10 октомври, кога ќе бидат доделени традиционалните награди на фестивалот – гран-прито за најдобра претстава, наградата за режија и наградите за најдобра женска и машка улога. Годинава, фестивалското жири е во состав Владимир Милчин, претседател, и Маја Љутков и Ненад Витанов, членови.

Фестивалот ќе биде затворен со целовечерен концерт „75 години македонски код“ на ансамблот „Танец“.