Во конкуренција на пет претстави, „Собирачи на пердуви“, во режија на Дејан Пројковски, освои прво место на фестивалот „Театар во тврдината“ во Смедерево, Србија. Претставата која е во продукција на Српско Народно Позориште од Нови Сад, доби највисоки оценки на реномираниот Фестивал „Театар во тврдината“ во Смедерево. На овој традиционален фестивал кој се одржува веќе 11 години, претставите ги оценува публиката.

Интересно е што на фестивалот во конкуренција беше и претставата „Ричард III“, која исто така е во режија на Пројковски, а е во продукција на Новосадскиот театар. Таа го освои второ место според гласовите од публиката.

Инаку, „Собирачи на пердуви“ е по текст на Александар Петровиќ, по кој е снимен и истоимениот култен филм, добитник на Гран-при на Канскиот фестивал во 1967 година. Драматургијата и адаптацијата се на Сашо Димовски, сценограф е Валентин Светозарев а композитор – Оливер Јосифовски.

„Повеќе од половина век подоцна, враќањето на ‘Собирачи на пердуви’ е враќање на реалноста на болката и радоста на слободата, убавината на френетичното живеење, автентичноста на животот, желбата и страста, смртта и еросот. Тоа е враќање на константа која, без разлика на промената на контекстот, останува иста. Нејзината суштина е отпорна на општествените промени и го претставува токму отпорот да се обликува во конвенциите на современиот свет: толку многу што создава свет доволен за себе. ‘Собирачи на пердуви’ е химна на слободата до која секогаш се доаѓа поради затворот пред сопствени очи“, посочува Пројковски.

Оваа претстава, која својата премиера ја имаше во ноември минатата година, во Нови Сад, важи за една од најголемите продукции во регионот која наиде на одличен прием кај публиката.