Претставата „Хотел 88“ пред македонската публика; Една од најгледаните во Србија  

9

Една од најгледаните претстави во Србија, „Хотел 88“, во режија на Сташа Копривица, а во која настапуваат актерите Тамара Крчуновиќ, Јелисавета Орашанин Теодосиќ, Андрија Кузмановиќ и Владимир Алексиќ, вечерва (30 ноември), со почеток од 19 часот ќе се изведе и пред македонската публика во Националната опера и балет во Скопје.

-Од својата премиера во 2017 , претставата „Хотел 88“ стекнала култен статус, не само во Белград и Србија, туку и во регионот. Со повеќе од 500 изведби и над 100.000 гледачи, таа и понатаму го привлекува вниманието на публиката и продолжува да воодушевува, посочуваат од JЕС продукција.

Дејството на претставата се одвива во луксузен хотел, каде што две брачни двојки — Виктор и Ана, и Сандра и Марко — доаѓаат за да поминат романтичен меден месец. Но, компликациите започнуваат кога се открива дека Ана и Марко имаат бурна и романтична историја, што доведува до страсни и комични пресврти во текот на една судбоносна ноќ. „Хотел 88“ е комедија која со леснотија ги обработува темите за љубовта, неверството и предизвиците на брачните односи. Преку смешни и неочекувани ситуации, претставата ги истражува тенките граници помеѓу страсната љубов и вистинските животни проблеми.

-Претставата е театарско искуство полнo со смеење и емоции, динамична комедија на забуни и љубовни триаголници кои добиваат на интензитет со секој нов пресврт, додека публиката ужива во одличната хемија помеѓу актерите. Режирана со прецизност и чувство за темпо, „Хотел 88“ успева да го задржи вниманието од почеток до крај, нудејќи моменти на гласна смеа, но и емотивни интроспекции. Ликовите се прикажани со уникатен шарм и животни приказни, овозможувајќи им на гледачите да се поврзат со нив на различни нивоа, додаваат од JЕС продукција.