Претседателот на Финска оцени: Време е за почеток на преговори меѓу Украина и Русија

100

Претседателот на Финска, Александар Стуб денеска изјави дека Украина сега е во посилна позиција од пред неколку месеци и оцени дека ова е добро време за почеток на преговорите.

„Дојдовме до точка каде што треба да започнат преговорите. Реалноста е дека ако сакате да ги вклучите Кина и земјите од глобалниот југ, мора да биде вклучена и Русија“, рече финскиот лидер во интервју за француски Монд.

Според него, Украина успеа да преземе иницијатива во процесот на дијалог.

„Украина и претседателот Володимир Зеленски се во многу посилна позиција отколку пред два месеци. Тие го добиваат оружјето и буџетот што им се потребни за да ги задржат своите позиции“, рече Стуб.

Тој нагласи дека почетокот на преговорите не значи дека Украина треба да прави отстапки.

„Потребно е да се направи разлика помеѓу можен процес на дискусија, кој не е цел сама по себе, и вистински мир“, нагласи финскиот претседател.

Според него, патот кон мирот е јасен – Русија мора да ги повлече своите војници од територијата на Украина.

Но, како што предупреди, тоа не може да се постави како предуслов.

„За почеток, ние треба да го убедиме глобалниот југ дека она што го прави Русија е империјализам. Во нивен интерес е да се запре овој конфликт… Кина може да направи многу за да ги запре непријателствата бидејќи е во силна позиција против Русија“, убеден е  Стуб.

Тој нагласи дека рускиот претседател Владимир Путин веќе ја направил најголемата геополитичка и тактичка грешка во поновата историја, кога ги преценил сопствените воени способности и ги потценил можностите на Украина и единството на Западот.

Стуб оцени дека зависноста на Русија од Пекинг пораснала до тој степен што Пекинг може, доколку сака, да ја заврши војната во Украина со една покана од кинескиот претседател Си Џинпинг до Москва, пренесува Танјуг.