Претседателот на ССМ ги прекрши работничките права за исплата на К-15

104

Самостојниот синдикат при „Водовод и канализација“ – Скопје при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска преку соопштение упати остра реакција за спогодбата за исплата на К-15 што изминатите денови ја потпишаа директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски и претседателот на ССМ Дарко Димовски.

– Менаџментот на ЈП „Водовод и канализација“ соочувајќи се со голем број тужби од наши членови за исплата на К-15, што во согласност со Колективниот договор изнесува 24.000 денари, тужби кои веќе почнаа да се добиваат и процесуираат, директорот на „Водовод и канализација“ потпиша спогодба со претседателот на ССМ за исплата на К-15 од само три илјади денари по година за 2016, 2017 и 2018 година. Претседателот на ССМ дрско ги прекрши работничките права за исплата на К-15 и наместо да се засрамат од таквиот чин упорно го претставуваат низ медиумите како успех тоа што наместо 24.000 денари, како стекнато право, сега ќе се исплаќа само по три илјади денари по година, се вели во соопштението од Самостојниот синдикат при „Водовод и канализација“ Скопје.

Од таму велат дека тие како вистински застапници на работниците нема да застанат тука и да се помират со овој срамен чин на претседателот на ССМ.

-Напротив ќе продолжиме по судски пат да ги бараме нашите права, бидејќи спогодбата е ништовна и не произведува правно дејство ретроактивно и секако да ги заштитиме сите работници од ваквиот начин на манипулација од страна на сите квазисиндикалци, стои во соопштението.