Претседателот на Собранието нема дискреционо право да ги блокира интерпелациите, уверуваат од Кабинетот на Гаши

14

Претседателот на Собранието, Африм Гаши нема дискреционо право да ги блокира интерпелациите – тој е должен да ги проследи на натамошна постапка, како што се случи пред неколку месеци кога лично против него беше иницирана интерпелација, се посочува во соопштението од неговиот Кабинет откако од Алијансата за Албанците на Зијадин Села побараа тој итно да се повлече од обработувањето на интерпелација против претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поднесена од пратениците од Левица.

-Претседателот на Собранието, Африм Гаши ја уверува јавноста дека сите собраниски процедури се одвиваат во целосна согласност со Деловникот, Уставот и законите. Интерпелацијата против г-ѓа Илире Даути е една од петте интерпелации кои моментално се во тек, заедно со тие против министерот Меџити, заменик-министерот Исени, министерот Тошковски и министерот Стоилковиќ. Важно е да се напомене дека, согласно собраниските процедури, резултатот од интерпелацијата нема да влијае на позицијата на г-ѓа Даути, како претседател на Комисијата која ја води, се вели во реакцијата од Кабинетот на Гаши.