Претседателот на Светската банка Џим Јон Ким ја напушта функцијата на 1 февруари, се наведува во соопштението од СБ.
Вршител на должноста претседател на СБ ќе стане Кристалина Георгиева, генерален директор на оваа институција, јави Би-Би-Си.
Џим Јон Ким стапи на должноста шеф на СБ на 1 јули 2012 година со мандат од пет години. Подоцна, Советот на директори на банката повторно го избра за претседател до 2022 година.
-Голема чест беше да служам како претседател на оваа извонредна институција, полна со страсни поединци, посветени на мисијата за ставање крај на екстремна сиромаштија- се наведува во соопштението од Ким. Тој не ја соопшти причината за неговата оставка.
Исто така, не е наведено кое е неговото ново работно место. Извесно е дека тој ќе работи во компанија која се занимава со инвестиции во инфраструктурите на земјите во развој.
Бугарката Кристалина Георгиева до 2017 година работеше како комесарка за буџет и човечки ресурси во Европската комисија, предводена од Жан Клод Јункер.