Претседателката помилува десетмина осуденици, меѓу нив и припадници на криминални кланови

Сиљановска- Давкова за помилувањата рече „личностите се навистина интересни во негативна смисла, сега го гледам тоа“.

110

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова помилуваше десетмина осуденици, од кои на тројца извршувањето на затворската казна им се заменува со условна, додека на другите седуммина со одлуката им се скратува времетраењето на казната. Нејзината одлука е објавена во „Службен весник“ на 22 октомври, каде што не се наведени информациите за кривичните дела.

Меѓу помилуваните има и лица што беа осудени во познати случаи на јавноста. Според решението, извршувањето на изречената казна им се заменува со условна казна за време од три години на осудените лица: Акиф Равмановски од селото Арачиново – во траење од една година и три месеци, за Никола Трпчески од Охрид, во времетраење од една година и Шенол Маслани од Арачиново, во траење од шест месеци.

Делумно се ослободуваат од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор осудените лица: Мухарем Али од Скопје во траење од два месеца; Тодор Попов од селото Миравци и Томислав Симеонов од Скопје, во траење од три месеци; Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков од селото Богородица, во траење од три месеци; делумно помилување со три месеци помала казна доби и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“. Меѓу помилуваните со една година помалку е и ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој беше осуден на седум години затвор во предметот „Транспортер“, поведен од поранешното Специјално јавно обвинителство, кое го гонеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола. Дел од медиумите јавија дека едно од помилуваните лица е член на наркокартелот Барон.

За имињата од листата со помилувани затвореници од страна на претседателката реагираа од опозицискиот СДСМ, велат дека Сиљановска помилувала криминалци од наркокланови, осудени за оружје, дрога и пари.

Претседателката, во изјава за телевизија „21“, за помилувањата рече „личностите се навистина интересни во негативна смисла, сега го гледам тоа“.

– Кога ги потпишав одлуките, се водев од тоа дека во првиот случај не го знам ни името како беше, да бидам искрена, пресудата е 1,3 години и делото се однесува на поседување неовластено поседување оружје и 5 куршуми. Тоа е делото. Веројатно, тие се воделе по ова (мислејќи на Комисијата за помилување). Кај вториот случај се работи за дело што е врзано со насилство или на некоја наплатна станица, некоја тепачка и казната е 6 месеци. Да, личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот, тоа е факт, сега го гледам тоа, но јас велам дека тие се воделе од конкретните дела – објасни Сиљановска-Давкова и изјави дека нема да се меша во работата на Комисијата, иако таа го има последниот збор.