Претепана жена за да се спаси од маките си ги пресекла вените, па насилникот ја дотепал!

Свирепа семејна драма во битолско, насилствата станаа секојдневие

710

 

Случаите на семејно насилство станаа секојдневие во полициските билтени, нема ден, а да не прочитаме детали од преживувањата на жртвите. Веста за случајот кој го објави битолското јавно обвинителство ја ,,мрзне крвта,, а полицијата е во потрага по 39 годишен маж кој сакал да ја убие својата партнерка. Свирепото семејно насилство се случило пред десет дена, во викендицата на насилникот во Нижополе, таму жената ја затворил и еден час ја удирал со шлаканици, тупаници, клоци по главата и телото. Неможејќи да го издржи насилството, решила да си ги скрати маките, дошла до кујната земала нож и си ги исекла вените на левата рака. Но, насилникот не застанал со ќотекот, продолжил да ја тепа и и нанел тешки повреди.

„Оштетената, од пред нејзината куќа, влегла во неговото возило и тој уште тука почнал да ја удира, најпрво со тупаница ја удрил во пределот на главата. Потоа ја однел во неговата викендица во Нижеполе, каде што насилно ја турнал, ја заклучил и додека ја држел затворена, еден час ја удирал со шлаканици, тупаници и клоци по главата и телото“, ги откриваат од обвинителството ужасните детали од семејното насилство.

Иако судијата од надлежниот суд му одредил мерка притвор, сепак насилникот не е во затвор бидејќи е во бегство. Од почетокот на неделата, полицијата објави уште седум случаи на семејно насилство. Повозрасен штипјанец и се заканувал на сопругата, 24 годишна скопјанка била нападната од партнерот, друга од општината Ѓорче Петров пријавила дека сопругот ја тепа. Насилство има пријавено и во Стајковци, Крушопек, Чаир, Гази Баба. Пијани, кршеле се по дома, а потоа удриле на партнерките. Во речиси сите пријави насилни биле мажите.

Семејното насилство во пораст, најчеста казна е условната

Според полцијата семејното насилство е во пораст, во првата половина од годинава, евидентирани се 528 кривични дела поврзани со семејното насилство, од кои 317 завршиле со телесни повреди, а две со смрт. Од МВР велат дека, жртвите претежно биле сопруги, вкупно 209, мажите биле насилни поради растројство, а тупаницата најчесто ја користеле за да ја повредат жртвата.

Не често оние што пријавуваат семејно насилство ги тераат случаите до крај, според адвокатите кои ги консултираше весникот ВЕЧЕР, сопругите кои се со деца во бракот, најчесто под притисок од сопругот-насилник и се откажуваат од гонење. Епилогот од судските процеси поврзани со семејно насилство во најголем број од случаите е условна казна. Изминатата година според информациите од Основниот суд скопје 1, од вкупно 121 правосилни пресуди, половина се условни, за дел од нив изречена е мерка- заштитен надзор. Во затвор завршиле 26 од обвинетите. Според кривичните дела, преовладува телесна повреда, па загрозување на сигурноста односно пријави кои произлегуваат од закани по животот на жртвата.

Адвокатот Јанаки Митровски кој пред судовите застапува жртви на семејно насилство за весникот ВЕЧЕР вели дека судиите ретко пресудуваат затворски казни, а ако тоа се случи тие се многу мали. Митровски споделува пример во тетовскиот суд каде до сега нема затворска казна за дела поврзани со семејното насилство.

,, Кога ќе го пријават насилството жртвите ја добиваат потребната поддршка од полицијата и центрите за социјална работа, се остранува насилникот од домот, се изрекуваат мерки на заштита, ако нема каде да живее жртвата се сместува во шелтер центар. Но, ако истрагата се одолговлечи во обвинителството, насилникот ќе добие на време да изврши притисок врз жртвата, најчесто преку децата или ќе најде друг начин да ја убеди да ја повлече пријавата и тогаш се паѓа во вода,, вели Митровски според кој судовите треба да се охрабрат во изрекувањето затворски казни бидејќи насилниците повторно се враќаат и ги малтретираат своите жртви.

Како се пријавува насилството

Редакцијата ВЕЧЕР се јави на еден од телефонските броеви за пријавување на семејно насилство, не упатија да ги оставиме податоците и да го посведочиме насилството на дадената електронска пошта, по што ќе не исконтактираат како да ни помогнат. Ни објаснија дека ако пријавиме во полиција кривично ќе се постапува, а ако случајот се тера преку социјалните служби, се поведува граѓанска постапка. Жртвите насилството најчесто го пријавуваат преку телефонскиот број за брза полициска интервенција, 192. Полицајците треба да ја сослушаат жртвата и да ја придружуваат до лекар доколку дошло до физичко насилство. Но, на жртвата останува одлуката дали понатаму ќе сака кривично да се гони насилникот. Доколку жртвата се одлучи да го тера процесот, во него се вклучуваат и инспекторите за семејно насилство, а жртвите може да се сместат во сигурносни куќи. Доколку има деца кои се останати кај насилникот му се одземаат и за нив се грижи Центарот за социјални работи и тие се сместуваат заедно со жртвата. Полициската работа завршува со формирање на кривична пријава, а потоа случајот се води во обвинителството. Со осудителната пресуда најчесто се изрекуваат мерки, осудениот да оди на лекување, да не се приближува до жртвата, да посетува советувалиште. (П.А)