Преспанските јаболка ќе останат да скапуваат во магацините

98

Околу 60 илјади тони преспански јаболка скапуваат во магацините, а овоштарите трпат штети поради големата разлика меѓу производната цена од 5 денари и откупната од 2 денари по килограм. Овоштарите бараат продолжување на дополнителната мерка од 3 денари за откупено јаболко по килограм, но од ресорното министерство велат дека мерката ќе почека да поминат избори, а она што засега можат да им помогнат е исплатат на субвенциите пред законскиот рок. Овоштарите добија ветување дека субвенциите по хектар наместо до крај на јуни, ќе им бидат исплатени до крајот на март, а дополнителните 3 денари по килограм до крајот на јуни.
– Ефектите од интервентната субвенција од 3 денари за килограм предадено јаболко, што се донесе со Програмата за 2018 година се големи и досега се откупени 45 илјади тони индустриско јаболко. Инаку во просек секоја година се откупуваат по 15 до 20 илјади тони, значи имаме двојно поголем откуп. Од овие 15 илјади тони се за домашните производители, а 30 илјади тони индустриско јаболко се извезени надвор, истакна државниот секретар во МЗШВ, Трајан Димчевски, и додаде дека се разгледува можноста како оваа мерка поинаку да ја дизајнираме за да помогнеме во пласманот на јаболката.
Според него, годинава имаше енормно зголемен род и затоа дојде до ваква ситуација. -Македонското јаболко се извезува и на надворешните пазари кои се преплавени од јаболко од земјите членки на ЕУ кои се поконкурентни од нашите. Со ова мерка од не го решаваме долгорочно проблемот, туку само им го надоместуваме трошокот на овоштарите затоа мора да најдеме долгорочно решение, подвлече Димковски.
Според Менде Ивановски, претставник на работната група, овоштарите се наоѓаат во безизлезна состојба. Јаболката скапуваат во магацините, а откупувачите не уценуваат поради квалитетот и ни ги откупуваат по многу ниска цена.
– Се најдовме во ситуација да бараме социјална поддршка од Владата и МЗШВ. Се договоривме да има интензивни разговори во наредниот период и до први март да излеземе со конкретно решение, односно да се најде начин како да се продолжи оваа мерка, истакна Ивановски.
Инаку во моментот се откупуваат само 200 тони јаболко на ден или 10 шлепери кои претежно одат за рускиот пазар, а потоа во Бугарија и Ирак. МЗШВ е во преговори и со други земји и се надеваат дека наскоро македонските јаболка ќе можат да се извезуваат и во Египет. (А.С.)